Министерката Стаменковска храбро во интерес на граѓаните: Ќе биде извршен надзор на сите согласности за објавување на огласите за вработување

Дополнителниот заменик – министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски денеска на првиот работен ден во Министерството соопшти дека ќе биде извршен надзор на сите согласности за објавување на огласите за вработување кои се актуелни во последниов период.

Таа посочи дека имаат сознанија за незаконски постапки при вработување и нејзината цел е да не се загрози европската перспектива на државава преку нарушениот предизборен период и поткупот на гласачи преку масовната партизација на администрацијата.

Според неа, тоа што вистински загрижува е нагласената партизација и десетиците отворени огласи за стотици нови вработувања во пресрет на изборите. Партизацијата, потенцира, е едниот проблем, но тоа што претставува вистински дополнителен проблем е токму непотизмот.

– Заразата од непотизам прави дисторзија на квалитетот на кадрите и дава шанса на роднините и пријателите пред сите други квалитетни кадри. Моето инсистирање на законито работење не е опструкција на политиката на вработување, туку напротив да ставам точка на непотизмот, неквалитетот и партизацијата во институциите. Тоа е и постулатот на моето работење – борба против непотизмот, партизацијата на администрацијата и време е во администрацијата конечно да дојдат квалитетни кадри кои се обучени и треба да ја водат Македонија напред кон Европската унија, рече Стаменковска Стојковски пред просториите на Министерството.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во нејзиниот тим ќе има шест лица, како што е согласно законот, тројца внатрешни и тројца надворешни лица.

Појасни дека денеска во Министерството ги виделе условите за работа, имаат обезбедно канцеларии, кои треба дополнително да се дополнат согласно потребите за работа на луѓето. Таа рече дека во моментов се задоволни од тоа што го добиле како простории и услови за работа.

– Веднаш не може да се направи ништо, ни треба барем некој период за да ги провериме сите претпоставки кои ги имаме за непотизмот, дел од кои ги објавив на неколку пресови претходно, за дел од нив сум говорела и на дебатни емисии, но тоа што можеме да го направиме во иднина е да ги проверуваме луѓето и да знаеме дека пред се избираме квалитет и дека нема да бидат повторно луѓе на други партиски фунцкионери на СДСМ, бидејќи навистина непотизмот е нешто што ги револтира граѓаните, не остава простор на вистинските професионалци да дојдат во рамки на администрацијата, додаде Стаменковска Стојковски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.