Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, бара оставка од министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, затоа што е уплашен и знае дека може еден ден неселективноста во делувањето на министерот може да тропне и на неговата врата, смета Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на барањето на Зоран Заев за оставка на министерот Наќе Чулев, сметаме дека тоа би го побарал секој човек којшто е осомничен за криминал. Зоран Заев е уплашен и знае дека може еден ден неселективноста во делување на министерот Наќе Чулев да тропне и на неговата врата. Затоа бара оставка од министерот за внатрешни работи, бидејќи секој ден министерот Наќе Чулев добива се повеќе информации за криминалите во коишто Заев и неговите блиски биле вклучени во изминатиов период. И кога еден аболициран политичар бара оставка од еден министер за внатрешни работи тоа би требало да е комплимент за министерот“, рече тој.
На новинарско прашање за коментар за масовната литија што се одржа вчера во Струга, Милошоски вели дека изјава треба да се бара од началникот на МВР во Струга, Дритон Ајро.
„Моето мислење е дека треба да се добие исто така изјава од началникот на МВР во Струга, Дритон Ајро, којшто е близок роднина на обвинителот Артан Ајро, којшто беше ангажиран во СЈО. И сметаме дека треба началникот како прв човек на министерството во општина Струга да ја даде својата изјава и извештај“, рече тој.
Според Милошоски, не би требало да има ниту привилегирани, ниту пардонирани, ниту селективни постапки по однос на каква било одговорност поврзана со пандемијата и пропишаните мерки.
„И како што не треба да биде пардонирана докторката Цаца Биљановска, којашто зарази шест нејзини колеги и доведе во ризик многу луѓе, така не би требало да биде пардониран кој било граѓанин на која било општина, доколку свесно предизвика некакви ризици и добро е што надлежните најавија дека ќе го преиспитаат овој случај“, рече тој.