Свети Никола или Шкољ, како што го викаат локалните жители е најголемиот остров на Јадранот. Островот се простира на 47 хектари површина и на 2 км должина, а од Стариот град во Будва е оддалечен само 5 минути.
Островот Св. Никола е кул место за авантуристи. Се стигнува со такси бродчиња. Со прекрасната дива природа, погодeн е за уживање, пливање, пикник и нуркање.
Хаваите, односно плажите на островот се едно од најубавите природни капалишта на црногорската обала. Мамат со кристално чистата тиркизна вода и неверојатни пејсажи.
За островот е поврзана и интересна легенда за Св. Сава, кој во два наврати (1229 и 1234 година) од Будва тргнувал на патување за Палестина во посета на христијанските светилишта во Светата земја.
Според легендата, при едно од тие патувања, настанало страшно невреме, а бродот со кој требало да патува се наоѓал кај островот Св. Никола. Чекајќи на обалата, Св. Сава во водата фрлал камчиња, од кои се вели дека направил пат до островот, по кој тој и неговите сопатници дошле до бродот и островот.
На островот се наоѓа црквичката посветена на Св. Никола, заштитникот на морепловците. Според преданието, оваа црква ја подигнале крстоносците, кои на крајот на 11 век поминале низ овие краишта на патот кон дома. Се смета дека крстоносците тука ги погодила чума, која усмртила некои од нив. Преживеаните потоа на островот подигнале црква, а починатите ги погребале тука.
Ова магично место, каде природата целосно се вложила себеси и со секој допир направила чуда, веруваме дека сигурно ќе се најде на вашата туристичка и авантуристичка карта.