Директорот на ЈКП Водовод и канализација Прилеп, Емил Јанески е нов претседател на ФК Победа, а фудбалерот Благоја Гешоски е нов спортски директор на клубот. Оваа вест на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
“До пред извесно време ФК „Победа“ беше акционерско друштво од 5 акционери, секој со сопственост од по 20 проценти. Сега, четири од петте акционери во клубот, односно сопствениците на 80% од акциите, го подарија својот дел на тројца фудбалски работници, членови на фудбалскиот клуб „Победа“. Од тој момент „Победа“ е фудбалски клуб на градот Прилеп.
Од тие причини, како градоначалник на општина Прилеп формирав координативно тело, кое е составено од 9 членови: јас, како градоначалник на општината, тројцата фудбалски работници од клубот кои ги примија акциите како подарок од акционерите и петте членови на Фудбалскиот сојуз од Прилеп, кои се делегати во ФФМ.
На првиот координативен состанок, се договоривме дека од тој момент нема да има политика во ФК „Победа“ и дека наш врвен приоритет ќе биде интересот на „Победа“, на љубителите на фудбалот и на целата прилепска спортска јавност.
Сите одлуки ќе ги носиме со консезус, а не со надгласување. На координативното тело, се договоривме, градоначалникот да предложи кандидат за претседател на клубот и кандидат за спортски директор.
Двата предлога, беа едногласно усвоени. За претседател на клубот да биде избран Емил Јанески, а за спортски директор Благоја Гешоски, кои заедно со актуелниот тренер на ФК „Победа“, Дарко Крстески, ќе го водат клубот до крајот на првенството.
Во координативното тело ќе бидат вклучени и легенди на „Победа“, кои значат многу за фудбалот во градот и пошироко. Исто така, ќе вклучиме и членови од навивачките групи од општина Прилеп.
Во моментите кога „Победа“ се наоѓа во тешка состојба, нашата помош и помошта од градот, е повеќе од неопходна”, напиша Јованоски на Фејсбук.
Информацијата за назначувањето на Јанески на челната позиција во ФК Победа кружеше низ јавноста изминатите денови, а на тоа реагираше и поранешниот претседател на Советот на општина Прилеп и актуелен пратеник од СДСМ, Миле Талевски.
“Во годините наназад, гласно зборував дека политиката треба да се тргне од спортот, особено кога станува збор за гордоста на Прилеп и прилепчани, Фудбалскиот клуб „Победа“.
За мене, како политичар, а пред се’ како човек и вљубеник во ФК „Победа“, и тогаш, а и сега е недозволиво политиката да меша прсти во фудбалската гордост на Прилеп.
Кога е во прашање фудбалот во најфудбалскиот град во државата, личните интереси мора да бидат настрана. „Победа“ мора да ја раководат лица кои потекнуваат од фудбалот, кои оставале срце и душа на фудбалскиот терен на градскиот стадион „Гоце Делчев“.
Апелирам да биде повлечена последната одлука за именување на ново раководство на клубот и на негово место да биде поставен кадар, кој потекнува од ФК „Победа“ и кој ќе ја ужива поддршката од целата фудбалска јавност во Прилеп”, напиша Талевски.
Но, се чини дека овој негов апел не беше земен во предвид при донесувањето на одлуката за нов стручен тим во ФК Победа.