Миле Талевски се пофали со автопат Прилеп-Битола кој ќе се гради цели 5 години

Со вчерашното потпишување на Договорот со конзорциумот Бехтел и Енка, започнува реализација на историска инвестиција во патната инфраструктура.

Вкупната вредност на овој проект со кој ќе се изградат 110 километри автопатски делници на Коридорот 8 и Коридорот 10 д изнесува 1,3 милијарди евра, со рок на реализација од пет години.

Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, објави дека со оваа историска инвестиција ќе се градат патните правци Тетово- Гостивар во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, делницата Требениште – Струга – Ќафасан која е близу 22 километри и патниот правец односно автопатот Прилеп – Битола е во должина од речиси 40 километри.

„За цели 32 години во нашата држава се изградени 186 километри автопати, а со овој договор, за само пет години, градиме 110 километри, модерни, европски, автопати. Во меѓувреме, се градат и рехабилитираат експресни, магистрални и регионални делници низ целата држава, а во тек е и изградбата и реконструкцијата на дополнителни автопати во должина од 59 километри“, рече Талески.

Реализацијата на автопатот Скопје –Блаце, кој чини 12,18 милиони евра исто така е во тек, а се забрза и процесот на железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8.

Според Талески, сето тоа е показател за посветеноста на Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ на унапредување на патната инфраструктура за подобро поврзување на градовите во државата, но и на државата со соседите.

Инаку според она што беше изнесено при склучувањето на договорот вчера, целата изградба треба да трае до 2027 година. Предложениот динамички план предвидува рок од 33 месеци за изградба на Тетово-Гостивар, 49 месеци за Требеништа – Струга – Ќафасан и 57 месеци за Гостивар – Букојчани и за Прилеп – Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.