Метеорологот Славчо Поповски со долга анализа за циклонот “Викторија”: Еве што се’ не очекува во наредните денови

Со спуштањето на значително постудената воздушна маса од север која ќе се судри со топлата, која се наоѓа над нашиот дел од Европскиот Континент, ќе дојде до формирање на циклон кој го носи името Викторија. Поради тоа уште денеска доцна попладне и навечер, ќе има слаб локален дожд, а ќе дува и умерен, на некои места и тоа пособено на запад, засилен ветер од југозападен правец.

Во текот на ноќта кон вторник, врнежите ќе се интензивираат и ќе ги има на повеќе места, а има услови и за ретка нестабилност проследена со грмежи, додека пак на планините и на повисоките места поради заладувањето ќе започнат врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка.

Сето ова ќе биде проследено со засилен северен ветер, при што ќе има услови температурите на воздухот да опаднат дури за 10 до 15 степени во однос на сегашните, анализира Славчо Поповски.

Врнежите ќе продолжат и утре, а поради драстичното заладување услови за повремени врнежи од снег ќе има и на местата под 1000 метри, што значи послаби врнежи од снег се можни понекаде и низ населените места во државава, а ќе дува засилен до силен ветер од северен и од североисточен правец, кој локално ќе достигнува брзина од над 90 км/час.

Граѓаните ги советуваме да бидат претпазливи каде и како се движат, исто така поради снежната покривка која се очекува особено на повисоките и планинските места, на возачите им препорачуваме да бидат крајно претпазливи и тоа особено доколку минуваат низ планинските превои, каде секако поради ниските температури ќе има услови и за појава на голомразица – додава Поповски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.