Невреме ќе предизвика поларниот воздушен бран од Русија кој претстојната ноќ многу брзо ќе се спушти и навлезе во нашата територија, температурите ќе опаднат за 15 степени а сето ова ќе биде проследено со силен, повремено на некои места и олуен ветер од северен и од североисточен правец чија брзина на некои места ќе достигнува до 100 км/час, анализира Славчо Поповски.
Исто така оваа ноќ и утре на повеќе места ќе има врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, нешто повеќе врнежи, односно врнежи со умерен интензитет ќе има во западните, југозападните и во јужните предели од државава каде снежната покривка на повисоките и на планинските места ќе се зголеми додека на пониските ќе се формира потенка снежна покривка.
Минималните температури до утре наутро ќе се спуштат во интервалот од -8 до -1 степен додека на повисоките и планинските места истите ќе се спуштат и под -10 степени, максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од -6 до 4 степени.
Особено студено ќе биде во недела и во понеделник во утринските часови кога минималните температури на воздухот ќе се спуштаат во интервалот од -13 до -3 степени додека понекаде истите има услови да се спуштат и до околу -15 степени, временската состојба пак од недела кај нас ќе се стабилизира а максималните дневни температури на воздухот ќе бележат тенденција на постепен пораст но ќе продолжи да дува умерен, повремено засилен ветер од северен и од североисточен правец.