Во чест на прерано починатиот член на боречкиот клуб „7 Мај – Леов“ од Прилеп, Љупче Црвенкоски – Црвенио, денеска во спортската сала на ООУ „Добре Јованоски“, овој боречки клуб го организираше првиот Меморијален меѓународен турнир во борење слободен стил и женско борење. На турнирот учествуваа 70-тина учесници, од Македонија, Албанија, Косово, Србија и Бугарија.
„Турнирот се организира во чест на нашиот борач Љупче Црвенкоски кој имаше извонреден придонес за развојот на борењето во Прилеп. Неговата кариера продолжи како судија во борењето, но неговата прерана смрт го спречи уште повеќе да напредува во кариерата. Со овој настан сакаме да му оддадеме една почит за се она што тој направи за клубот и нека му е вечна слава“, рече Јане Тренчески, претседател на боречкиот клуб „7 Мај – Леов“ од Прилеп.
Турнирот го отвори градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој потенцираше дека се надева овој турнир во иднина да прерасне во традиционален.
„Овој меѓународен турнир се организира во чест на Љупче Црвенкоски – Црвенио, тука денеска се присутни врвни борачи, така што сите љубители на овој спорт денеска ќе присуствуваат на овие одлични натпревари. Прилеп е еден од центрите на борењето во Македонија, на сите учесници им посакувам да победат најдобрите и се надевам дека во иднина овој турнир ќе прерасне во традицонален“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Странските учесници на турнирот рекоа дека се презадоволни од приемот и гостопримството на овој турнир, а дел од нив порачаа дека балканските држави треба да ги фаворизираат младите членови на своите боречки клубови, од нивните држави, наместо како досега во репрезентациите да купуваат странски борачи.
„Ова е веќе 15-та година како нашиот клуб „Раднички“ од Сомбор соработува со вашиот боречкиот клуб „7 Мај“ од Прилеп и секогаш се чувствувам тука одлично. Љупче беше исто така и еден од моите тренери и куќен пријател така што многу ми е драго што на ваков начин се одбележува овој прв меморијал“, кажа, Игор Фргиќ, учесник на турнирот од Србија.
„Чест ми е што сум гостин на овој турнир, одлична е организацијата. Сакам да потенцирам дека овој спорт пред се треба да остане на нашите млади, а не на странците кои ги купуваме за репрезентациите. Гледајте колку добри борачи има тука, а ние купуваме од странство и тие им го земаат заслужено место на нашите млади кои целиот свој потенцијал го вложуваат во борењето“, изјави Спас Јапцев, учесник на турнирот од Бугарија.
На овој турнир присуствуваа и претставници од Федерацијата на боречки спортови од Македонија кои го оценија турнирот со највисоки оценки.
„Од името на Федерацијата на боречки спортови од Македонија сакам на боречкиот клуб „7 Мај“ од Прилеп да им ја честитам прекрасната организација на овој прв меморијален турнир каде учествуваат повеќе држави и клубови и се надевам дека овој настан во иднина ќе биде традиционален“, кажа Страшо Глигоров, спортски директор на федерацијата на боречки спортови на Македонија.
Од Федерацијата на боречки спортови на Македонија на клубот „7 Мај – Леов“ од Прилеп му доделија плакета за посебен придонес во развојот на борењето во Македонија.