По повод Светскиот ден на пчелата – 20 мај, на Плоштадот „Магнолија“ се одржа манифестацијата „Мед и млеко на Широк Сокак“, во организација на Сојузот на пчеларски здруженија, пчеларското здружение „Нектар“, Амбасадата на Република Словенија и општина Битола.
Во своето обраќање до присутните, амбасадорот Грегор Пескер истакна дека долги години Словенија посветува големо внимание на вклучувањето на младите во пчеларските активности.
„Затоа оваа година, нашата амбасада одлучи да даде приоритет на вклучувањето на младите во пчеларството и зачувувањето на опрашувачите,
бидејќи тие се идните чувари на нашата животна средина. Со ангажирање на младите луѓе во пчеларски активности, едукативни иницијативи и напори за застапување, можеме да инспирираме нова генерација лидери во животната средина и да ги поттикнеме позитивно да влијаат на светот“, истакна Н.Е. Пескер.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски истакна дека оваа манифестација треба да прерасне во традиционална, бидејќи значењето и
постоењето на пчелата е важно за одржувањето на човештвото на планетата.
„Овие манифестации се многу значајни, бидејќи го истакнуваат производството на медот како значајна гранка од земјоделството, а голем
број лица се занимаваат со производство на мед. За некои тоа е животна професија, но е многу важно да се одржува животната средина чиста, со цел и производоството на медот да биде квалитетно и природно“, рече Коњановски.
За значењето на настанот говореа и Верче Мицевска, Национална координаторка за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна
политика, како и претседателот на пчеларското здружение „Нектар“, Менде
Трајковски.
Покрај производите од мед, на Магнолија беа изложени и млечни производи од млекарата Вемилк. Настанот беше збогатен со настап на најмладите од битолските детски градинки.