Турскиот магазин „Боксер“ синоќа објави дека македонскиот репрезентативец Елиф Елмас може да се смета за нов фудбалер на Интер. Иако договорот не е потпишан, договорени се сите детали меѓу трите страни, Фенербахче, Интер и фудбалерот и недостигаат само медицинските тестови младиот креативец да се пресели во италијанскиот гигант.
Според магазинот, Интер ќе плати 11 милиони евра и ќе го добие фудбалерот уште од летните подготовки под водство на новиот тренер Антонио Конте. Елмас ја игра својата втора сезона во турската Суперлига и веќе се наметна како еден од клучните фудбалери во гигантот од Истанбул.
Пред неколку недели Горан Пандев откри дека му го препорачал Елмас на Бепе Марота, спортскиот директор на Интер, а овој брзо реагирал и го договорил трансферот. Интер е клуб во кој европска титула освои Горан Пандев, а една сезона во својата кариера мина и Дарко Панчев.
Со победата над Емполи во последното 38. коло на Серија А, Интер се избори за учество во следната Лига на шампиони на УЕФА.