Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде 40- годишниот Б.С од Скопје, поради основи на сомнение дека како трезорист во НЛБ Тутунска Банка, сукцесивно во повеќе наврати извршил кривично дело „затајување“, предвидено и казниво по член 353 од КЗ, со што противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, износ со кој ја оштетил НЛБ Тутунска Банка.
Од страна на судија на претходна постапка на Б.С. определена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Имено, сега пријавениот како вработен на работно место трезорист во Служба за трезорско работење (работа со готовина и депо во НЛБ Тутунска банка АД Скопје), искористувајќи згодна прилика и познавајки го процесот на работа, во време кога во трезорот имало намалена френкфеција на вработени лица, незабележан од никого во периодот 06.04 до 10.04.2017 година ги присвоил за себе горенаведените парични средства.
Првиот износ го затаил од пратка на износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе.
Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ Тутунска банка.
На 10.04.2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец.
Од страна на одговорни лица од НЛБ Тутунска банка кривично правниот настан е пријавен во Единицата за известување и команда, а од страна на полициски службеници од ЕПОИ АЛФА, Б.С. е пронајден и лишен од слобода.