-На 02.07.2023 во 13.00 часот било пријавено дека на крстосницата од ул.„Борка Талески“ и ул.„Кеј 9 Септември“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“, управувано од Ф.Ј.(33) од Прилеп и патничко возило „голф“, управувано од М.З.(26) од Прилеп, двете со прилепски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот во возилото „опел“, З.М.(33), додека со телесни повреди се здобил возачот на возилото „голф“, М.З., констатирани во Градската болница Прилеп. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп – информираат од ОВР Прилеп.
Сообраќајката предизвика полемики и дезинформирање на јавноста, откако од Центарот за управување со кризи објавија дека две лица биле извлечени од возилото кое падна во коритото на Градската река, а всушност во возилото бил само возачот. Исто така изостана информацијата дека се работи за сообраќајна незгода во која учествувале две возила.
– Во 13:11 часот (на 02.07.2023.) на единствениот број за итни ситуации 112 во ЦУК, добиена е информација дека патничко моторно возило марка „голф“ влетало во реката кај мост „Кочо Рацин“ во Прилеп. Од Регионалниот ЦУК Битола контактирале со ТППЕ Прилеп и добиле известување дека имаат екипа на лице место, како и од прилепската Итна медицинска помош и дека во возилото имало две лица кои се извлечени. На терен, согласно ситуацијата, била излезена и полициска екипа од Полициската станица Прилеп, стоеше во соопштението од ЦУК.