МВР го фати крадецот кој ги ограби канцелариите на хуманата иницијатива „Донирај компјутер“ во Кавадарци

Канцелариите на хуманата иницијатива „Донирај компјутер“ на кавадарачанецот Борче Стаменов беа ограбени ноќта помеѓу неделата и понеделникот, а штетата се проценува дека е околу 2.500 евра. Крадецот однел повеќе лаптопи и компјутерска опрема, дури и компјутерот во кој се водела евиденцијата и се собирале донациите на иницијативата.

„Се деси и тоа. Сабајле у 3.59 некој ги обил канцелариите на Донирај Компјутер во Кавадарци. Украл 4-5 Леново лап топа, 6-7 Apple Mac book pro и повеќе нови (20-25) ССД дискови од 120гб. Имаме снимки кои треба да ги прегледаме утре во полиција и опис на лоповот. Ако некој ви понуди нешто за продавање од споменатите работи или видите оглас, ве молам да ми пишете. Кавадарчани ве молам да споделите и да помогнете да се најде сторителот. Срамота е да се краде од иницијатива како нашава, срамота!“, објави творецот на „Донирај компјутер“, Борче Стаменов на социјалните мрежи.

Од МВР денеска информираат дека го фатиле крадецот, а уапсиле уште едно лице кое купило компјутер од крадецот.

-На 01.09.2023 во Кавадарци, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци ги лишиле од слобода С.М.(37) од Кавадарци и А.А.(37) од Неготино. При претрес во домот на С.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени шест лап топ компјутери, делови за компјутер и друга компјутерска опрема за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ сторено на 28.08.2023 во Здружение на граѓани на ул.„Браќа Хаџи Тефови“ во Кавадарци.

Додека, кај А.А. бил пронајден еден лап топ компјутер за кој, исто така, постои сомнение дека потекнува од истото кривично дело и дека го купил од С.М..

Пронајденото ќе биде вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.