„Мајмуни“ со жестока порака: Кој ја уништи ФК Победа – време е за имиња и презимиња!

Навивачката група „Мајмуни“ излезе со јавно соопштение на социјалните мрежи, во кое истакнува дека вложиле сериозни напори за да помогнат во спасувањето на ФК Победа, но обидот, како што велат, не вродил со плод.

Клубот од Прилеп неодамна се откажа од натпреварување во Втората лига поради наталожени долгови и финансиски проблеми, со што уште еднаш се отвори прашањето за одговорноста и иднината на еден од најпрепознатливите спортски брендови во градот.

Во својата Фејсбук-објава, „Мајмуни“ посочуваат дека застанале зад секоја организација која била подготвена да помогне, но под услов ниту еден член од претходната управа да не биде дел од процесот до крајот на сезоната. Според нив, тоа било прифатено, но сепак не довело до посакуваниот исход.

Навивачите тврдат дека бил обезбеден тим кој, како што наведуваат, можел да се бори најмалку за бараж, но дека одредени структури го спречиле тоа. Во објавата упатуваат директен повик за јавна одговорност, барајќи транспарентно да се соопшти „кој, колку и каде наштетил“ на клубот.

Дополнително, од групата обвинуваат дека со години се давале ветувања за спас на Победа, но без конкретни резултати, при што вината се префрлала од една на друга страна.

Во постскриптумот од објавата, тие наведуваат и неофицијална информација дека Општина Прилеп ги побарала назад клучевите од градскиот стадион, што дополнително ја продлабочува неизвесноста околу иднината на клубот.

Состојбата со Победа повторно ја разбранува спортската јавност во Прилеп, а навивачите најавуваат дека нема да се откажат од барањето одговорност и расчистување со, како што велат, сите кои придонеле клубот да се доведе во ваква состојба.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.