Живот: Катица Бабиќ – Кет Ли, пејачка од Германија е во градов
-Менаџер и е нашинецот Николче Митрески, жител на Нови Сад
Кет Ли. Доста далечно звучи ова име. Поинаку е кога ќе се спомене Катица Бабиќ. Тоа е нешто блиско. Се работи за Србинката која долго живее во Германија, каде по пробивот во музичките воид, го добива уметничкото име Кет Ли.
Се преведува како ,,Мачката Ли,, или ,,Мачката Борец,,, што подразбира жена – борец. Таа престојува во градов кај својот менаџер, Николче Митрески, нашинец кој триесетина години е жител на Нови Сад.
-Шестипат сум овде. Пред 13 години првпат дојдов во Македонија, во Скопје. Гостував на едно ТВ шоу на Драган Вучиќ. Бев еден ден и се почувствував како дома. Супер. Пеев и играв во живо. Тука ме донесе прилепчанецот Гоце Стеваноски, кој долго работи како геодет во Белград. Тој е заслужен што бев и во ТВ Пинк и на повеќе радиостаници. Потоа го запознав и вториот прилепчанец, Николче Митрески, некогашен играорец, кој стана мој менаџер. Се запознавме во Нови Сад – се присетува Бабиќ.
Заемната енергија на пејачката со градов сигурно е силна кога доаѓа толку пати. Родена во Србобран, кај Нови Сад. Бргу се преселила во Минхен, Германија. Но, нешто ја влече под Марковите кули. Прошетала низ Европа, живее во милионски град, ја запознала западната култура, но ги гледа вредностите и во нашево место.
-Првиот пат му реков на Николче дека многу ми се допаѓа Прилеп. Повеќе отколку Скопје. Народот е поедноставен, пољубезен. Живеам во Минхен, разбирливо што сакам и големи градови, но ме фасцинира Прилеп по визуелноста. Посладок е од другите места. За тоа придонесуваат и луѓето и впечатоците од градбите. Ми се допаѓа ѕидот во центарот, до споменикот од Александар Македонски. Привлечен е оти е многу стар. Старите градби ме воодушевуваат – зборува Кет.
Знае и уште е ,,гладна,, за сознанија за Прилеп. Ги запознала семсјтвата на Гоце и брат му Николче. И се допаднал, нивниот однос. гостопримството. Открива дека иако ретко пиела алкохол, односно пиво, не можела да одбие прилепско.
-Пивото ,,Крали Марко,, е одлично. Сега разбрав дека било прилепско. Има убаво име, од легендарниот Крали Марко, чиј споменик со интерес го гледам. И кај нас е мошне познат тој јунак, но никаде не сум видела толку голем споменик за него. И јадењето е вкусно. Пиперката многу ми се допаѓа. Просто ја обожавамкако и македонскиот ајвар. Сестра му на Николче, Славица, направила ајвар и го испратија во Србија. Беше тегла домашен ајвар. Целата ја изедов. За половина час ја изедова половината. Не претстанам, оти ми се допадна.Ја изедов целата. Совршен ајвар – се нејзините комлименти за нашиот специјалитет.
Во долгиот список го придодава и фудбалот. Не може да побегне од Победа. Сите зборуваат за Победа. Така и кај неа се раѓа љубопитноста за спортскиот бренд.
-Го сакам фудбалот, бидејќи татко ми играл фудбал, со прекар Јусуфи, според прочуениот фудбалер на Партизан. Тука имате клуб со име – Победа. Името ми звучи супер. Посакувам само да победува. Ќе ја следам во иднина, покрај Баерн. Победа заслужуваат внимание. Има богата историја. Мал град со голем клуб. Се радувам кога некој клуб од мало место постигнува успех. Фудбалот и спортот се многу битни во животот – забележува Бабиќ.
Фудбалот ја поврзува и со Германија, во периодот на нејзиното издигнување во популарноста. Таму ја избираат за заштитно лице, маскота, на светскиот фудбалски гигант Баерн. Тоа е времето тренерот Хицфилд, голманот Кан, играчи Матеус, Ефенберг, Салихамиџиќ… Ниеден позначаен натпревар не поминува без неа на Олимпискиот стадион во Минхен.
-Големите клубови имаат некоја маскота, некој омилен лик. Тогаш се познавав со сите играчи. Сите ме знаеја. Јас пеев и се фотографирав. Снимав и спотови. Фудбалот ме поврза и со Бекембауер. Јас, маскота на Баерн, а тој легендарен фудбалер. Заедно снимивме рекламен спот за ТВ – се навраќа на убавото време поминато во клубот.
Зборувавме за Прилеп, Баерн, фудбалот… За крај ја оставивме музиката. Изненадување е дека не пее народни. Обично Србинките пеат турбо-фолк. Нема ништо од тоа. Можеме да очекуваме нешто што се дефинира како забавна, поп музика.
-Шокирани сте? Не пеам народно. Има навика за труба-руба, но време е да се случи нешто ново. Македонците ја сакаат убавата музика. Пеам на српски, германски, англиски, француски, италијански… Тоа е поп-музика, но има разни жанрови и таму – разјаснува таа.
Ако запее народно, ќе бидат песни од Лепа Лукиќ. Изворни, најубави. За турбо-фолкот смета дека прво парите се во прашање. Тоа и смета.
-Парите секој ги сака. Кај мене не е така. Најмногу ја сакам музиката. Таа е пред парите. Веќе две години свирам клавир, го свирам Бах, Рахманинов, Хендел и итн. Ја обожавам музиката. Би одбила ако некој ми нуди пари, милион евра да престанам со музиката. Не би можел никој да ме поткупи. Не би се продала, наспроти мнозинството за кое се важни само парите. Љубовта е најсилното што останува. Тоа е уметност. Да бидам слободна, слободна душа, слободно да се изразуваш. Тоа е број 1 за мене. Се изразувам преку мојот глас, глумата, движењата, играм балет. Изразот е мојата личност. Да ми каже некој: Еве ти милиони. Знаете ли дека има некои фирми кои потпишуваат договори за уметникот да не смее да се појавува наредните 10 години? Го уништуваат уметникот. Тоа го прават заради конкуренцијата. Овој што им пречи го елиминираат, за некој друг да успее. Тоа не би го прифатила – категорична е Ли.
На ЦД-то од 21 нумера најслушана и е ,,Чувај се,,. Ја слушале и германските фудбалери, а и легендарниот Бекенбауер, кој учел и српски да ја разбере. Музиката не е само бизнис, иако добро знае да плива и во бизнис-водите. Тоа не í е приоритет. Приоритет í е музиката. Настапите во иднина ќе се збогатат и со свирење.
-Не свирам сега, оти само две години се дружам со клавирот. На клавир се свири и до 20 години пред настап. Не очекувам многу од свирењето сега. Со вежбање сама и кај професорката може да ја постигнам целта – кажува за своите планови.
Изненадува. Пее и во црковен хор. Не случајно ги сака манастирите. Сака да ги посети напролет манастирите, Свети Илија во Дрен-Смолани, Света Петка во Лениште, Свети Димитрија Селце кога ќе се разубави природата.
-Манастирите многу ме интересераат и тие стари наши православни верувања. Затоа пеам во црковен православен хор во Минхен. Таму има Срби, Руси, до неодамна имаше и една Македонка. Тоа се духовни песни, на високо возвишено ниво. Тешко пеење, со специфична техника, на висока фрекфенција, но има многу хармонија. Многу помага тоа пеење во група – истакнува Бабиќ.
Една средба и доволна да заклучиме дека станува збор за врвна пејачка. Во ова треба да се увери и прилепската публика. Се чека првиот концерт. Се подготовува.
-Прилеп го сакам и тука сакам да запеам, пред публиката. Македонците ја сакаат убавата музика. Се договараат деталите. Концерот ќе биде сигурно напролет – најави на разделба Катица Бабиќ, Кет Ли.
Врска Нови Сад – Минхен
Менаџерството функционира на далечина. Доказ е соработката на Катица со Николче. Таа живее во Минхен, а тој во Нови Сад. Успехот се постигнува.
-Далечината не е пречка. Комуницираме, контактираме, се договараме. Лесно е со мобилните и компјутерите – вели менаџерот Николче Митрески.
Џаиќот пријател
Пејачката е во друштво на менаџерот и на најпопуларниот навивач на Звезда, Менде Димески – Џаиќ. Долго време контактирале, а дури сега првпат се виделе.
-Месец-два контактиравме, а не сме се виделе. Врската ни е фудбалот. Тој е навивач на Звезда, а јас за Баерн. Менде го запознав за пет минути. Како да се знаеме цел век. Некои луѓе се препознаваат во душата одма. Времето не значи ништо. Се разбираш оти си на иста бранова должина. Не треба училиште. Тоа не се учи. Мораш да ја почуствуваш личноста преку воздухот – порачува пејачката.
Извор: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”