„Марлборо“ почна да се произведува во Македонија

tkp5

Иновацијата на популарните цигари „марлборо“, моделот „флејвер плус“ на „Филип Морис“ почна да се произведува во фабриката за цигари на Тутунски комбинат –Прилеп(ТКП) како дел од производство на заедничкото друштво на ТКП и „Филип Морис“.

-Пласманот ќе се случи брзо. Се прави одредена резерва за да може лансирањето да оди непречено. Станува збор за посебно иновативен формат од „марлборо“ , што ќе биде новина на македонскиот пазар. Имаме уште дена линија што треба да се активира и да се подготват нови формати какви досега немало, вели првиот човек на ТКП, Александар Дерменџиев.

Инаку, Тутунски комбинат без предизвикување турбуленции, туку доброволно, пролетоска ја реши превработеноста. Се ослободи до повеќе од 550 работници со испратнина од максимум 15 илјади евра така што сега се ангажирани над 400 луѓе.

-Уште има интерес за социјалниот пакет. Бараме начин за обезбедување средства. Уште има вишок вработени, но и кусок поради несоодветна структура. На некои позиции се повеќе, а на други недостигаат луѓе. Без претерани анализи, блиску до реалноста или до идеалното, би било добро да понудиме стотина дополнителни пакети и да примиме триесетина души како свежа крв за структурално подобрување, вели Дерменџиев.

Додека се собираат последните, најквалитетните листови тутун од годинешната берба, менаџментот на ТКП прогнозира дека годинешната сезона на откупот на тутунот ќе биде во знак на поголема побарувачка од понуда. Според процените на комбинатот, родот е поквалитетен, но количествата се намалени. Затоа се очекува битка меѓу откупувачите за килограм тутун повеќе.

Според процените на Дерменџиев, во земјава се произведени околу 19 илјади тони, а откупувачите склучиле договор за 24 илјади тони.

-Очекуваме да излеземе од списокот на загубарите и брзо да достигнеме позитива. Во вториот квартал загубата е намалена на 900 илјади евра, односно има тренд на намалување. Црвеното салдо го сведовме на нула до крајот на годинава, категоричен е Дерменџиев, додавајќи дека редовно се сервисираат ануитетите и каматите на старите кредити.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.