Маркови Кули

Тврдината Маркови Кули или кај граѓаните на Прилеп попозната како Маркукуле, претставува остаток од средновековен град на кралот Волкашин и неговиот син Крале Марко, последниот крал кој владеел со поголем дел од Македонија пред вековната власт од Османлиите. Тврдината се наоѓа на 120 до 180 метарски рид од вулканско потекло кој изобилува со многу несекојдневни карпи кои според својот облик добиле и свое име кај жителите. Истата го обвиткува градот од северната страна и во себе носи огромна историја, за што говорат големиот број пронајдени архелошки остатоци кои датираат дури од антиката. Кој дел и да го допрете, каде и да згазнете, вие допирате дел од историјата кој носи своја приказна и говори за различни цивилизации од различни периоди на човештвото кои живееле на овие простори.

Локалитетот датира од раноантичката населба Керамија (старото име на Прилеп), за што говорат многубројните гробници и наоди , како и карпести цртежи кои потекнуваат од 7ми век пред нашата ера, од периодот на железното доба, лоцирани на популарно познатото место меѓу Прилепчани, Тапанче.

Имено современите геохронолошки испитувања покажуваат дека овој масив постои цели 700 милиони години, чиј што простор го сочинуваат импозантни грамади кои се простираат во две низи север-северозапад и југ-југоисток чија надморска височина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади се поврзани со највисоките врвови во северниот дел Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м).

Овој природен раритет, а воедно и упориште низ времињата служел за одбрана на населението од разни напади. Во овие тврдини Царот Самуил ги пречекал своите 14 000 ослепени војници. Тоа се истите тврдини кои во времето пак на кралот Волкашин го оградувале главниот град во тоа време во Македонија. За време на владеењето на Кралот Марко, по кого тврдините се именувани, истите биле последната пречка која ја спречувале Османлиската опсада во 1385 година и кои после Маричката битка во 1371 година ја гарантирале единствената независна територија во однос на Османлиската држава. И после смртта на Кралот Марко во 1395 година, тврдините остануваат да говорат за неговата тактичност и државничка мудрост.

Денешен Прилеп И Марковите Кули се несомнено две истории испреплетени помеѓу себе кои говорат една за друга, две приказни кои се надополнуваат помеѓу себе и сведочат за непокорот тогаш и денес, за челичната воља која постои на овие простори.

Кулите се препознатлив белег за Прилеп, монумент кој доколку го немаше ќе недостигаше еден огромен дел од историјата за Прилеп и Македонија, ќе немаше за што да се пее и раскажува, за што да се пренесуваат легенди и преданија.

Ова епохално ремек дело е единствено место кое ниту највештите мајстори и вајари со свои раце не би го направиле подобро од тоа како самата природа си поиграла и го создала да стои гордо над Прилеп. Сите карпи се формирале на мали платоа и секоја од нив е природен споменик со впечатлив облик.

Една од нив е карпата во форма на Слон која претендира да биде заштитена од УНЕСКО. Висока е 8метри, широка 5метри, а од тоа место Прилеп се гледа како на дланка. Се верува дека истата низ времето служела за одржување на религиозни обреди, за што говорат многуте гробници пронајдени во непосредна близина.

Во подножјето на Марковите Кули и ден денес постои првата населба Варош, која е камен темелник на денешен Прилеп. Во населбата постоеле 77 цркви, на секоја фамилија по една. Денес се зачувани дел од нив и тоа црквите Св. Димитрија која некогаш била и соборен храм на стариот Прилеп, црквата Св. Петар и Павле, Св. Атанасиј како и најстарата црква Св. Никола која датира од 1298 година. Најголем зачуван објект од тоа време е манастирот Св. Архангел Михаил, кој уште се нарекува и градски манастир, како и древниот манастир Трескавец. Сите овие монументални изданија го прават Прилеп богат со туристички потенцијал и број еден дестинација во поглед на манастирскиот туризам.

Во денешно време Општината на Прилеп прави напори и вложува значајни средства заедно со Министерството за култура за поголемо доближување на овој локалитет до граѓаните и туристите, преку изградба на патеки и асфалтирани патишта до манастирите со цел за привлекување на нови тур оператори ширум светот, мисија која полека но сигурно станува успешна приказна.

Исто така од 2012 година до денес се одржува и традиционална планинска трка По стапките на Крали Марко” (Krali Marko Trails) со која Прилеп се впиша во светското треил трчање, како уникатна дестинација која привлекува голем број на учесници.

Марковите Кули биле предизвик на повеќе режисери, па на падините на овој масив се снимени Пред дождот” на Милчо Манчевски , “Збогум на 20-от векна Дарко Митревски и Александар Поповски, Прашинана Милчо Манчевски и многу други филмови.

И покрај неколку децениските истражувања и археолошки ископувања, Марковите Кули кријат уште стотици тајни и мистерии, скријани негде длабоко, кои допрва ќе треба да се откријат и да го направат ова место уште поатрактивно и уште пофпечатливо. До тогаш иако пола разурнати, Марковите Кули ќе стојат гордо исправени над Прилеп и ќе го привлекуваат секој посетител со својата магичност и мистичност.

Редакција на markukule.mk

[Best_Wordpress_Gallery id=”25″ gal_title=”Маркови Кули”]




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.