Прилепчаните Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски од планинарскиот клуб “Мамути” направија уште еден подвиг за паметење. После искачувањето на Елбрус – највисокиот врв во Европа, како и на Монблан и редица други височини, тие го освоија и врвот Аконкагва – највисокиот врв во Аргентина и највисок врв надвор од Азија со висина од 6.962 метри надморска височина.
За Маркукуле.мк, Маријана раскажува за искуството и целата експедиција за искачување на џиновскиот врв во Јужна Америка.
“Идејата дојде кога се пријавивме за искачување на врвот Елбрус, кој е највисокиот во Европа. Тогаш се разговараше и за Аконкагва, а веднаш потоа желбата растеше и започнав да размислувам како да ја реализирам. Експедицијата за Аконкагва бара повеќе финансиски средства и секако поспецифична опрема. Сепак, по враќањето од Русија се решивме да побараме спонзори и да ја оствариме нашата идеја и замисла. Многу малку недостасуваше да се откажеме, но за наша среќа, буквално преку ноќ се појавија неколку спонзори на кои сме бескрајно благодарни. Ќе ја искористам приликата да им се заблагодарам на прехрамбената индустрија “Витаминка”, на “Мермерен Комбинат АД Прилеп”, локалната самоуправа Прилеп, конфекција “Жалфија”, ресторанот “Кермес”, млекара “Мики”, текстилната индустрија “Тритекс”, парфемите “Еxtreme”, пекара “Алекс”, “Inacco”, “Комфи Ангел” и секако сите мои пријатели и блиски кои стојат зад мене и секогаш бескрајно ме поддржуваат”, вели Маријана Ѓорѓиевска за нашиот портал.
“Искачувањето на Аконкагва се одвиваше во неколку фази, што ја опфаќа аклиматизацијата и секако завршното искачување. Експедицијата ја започнавме во 2 часот по полноќ, а на самиот врв се најдовме после 9 часа и 20 минути. За наша среќа имавме мирно и сончево време кое не следеше во текот на денот. На самиот врв се задржавме околу еден час и десет минути”, додава Ѓорѓиевска.
“Чувството на врвот беше прекрасно, тоа е нешто што не може да се долови со зборови, потребно е да се доживее и да се види. Oва е незаборавно искуство кое верувам дека позитивно ќе се рефлектира врз целиот мој живот”, вели Маријана.