Меѓу настаните кои претставуваат традиционални културни обележја на град Прилеп се и „Денови на Крали Марко“, кои се одржуваат кон средината на месец мај, со што се одбележува годишнината од загинувањето на легендарниот крал и се промовира Прилеп како град каде што живеел најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот.
Манифестацијата ќе се одбележи со концертниот проект „Гласови под Кулите“, кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското. Концертот ќе се одржи на 16. мај со почеток од 19:30ч. во Центарот за култура “Марко Цепенков”, a истиот е во организација на Општина Прилеп во соработка со центарот за култура.
Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, но и нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор. Од „Гласот ми се чуе горе в планината“ и „Крали Марко и Митре Тирочанче“, „Зајде сонце, зајде“, до „Douce Dame Jolie“ „Pourquoi, doux rossignol” и „Узви се лоза алова“ – концертот ќе ги обедини сите тие елементи во еден уникатен музички концепт.
Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.
Ана Митоска (вокал, сантур), Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…), Зоран Беговски (кавал, деф, вокал) и Симон Облешевски (клавијатури), ќе оживеат легенди и звуци што се носат од далеку – и остануваат длабоко во нас.
Од чалгиски интерпретации и гласоечки исони, преку изведби на традиционални македонски песни со осовременети аранжмани, до средновековна поезија и инструментали што ги премостуваат временските и географските граници – овој концерт е искуство што не се слуша секој ден.
Програмата е жив организам од музички реликвии, автентични интерпретации и нова инспирација што ги комбинира сите тие елементи и различни периоди на еден уникатен начин.
Прилеп дише со своите корени. А Кулите одекнуваат. Добредојдовте!