Манастирот Св. Никола во Прилепец широко ги отвара портите за празникот Успение на Пресвета Богородица: Ќе има 15 домаќини

Некогаш беше природна воздушна бања, а денес спокоен бисер во прегратките на планината

Манастирот Св. Никола во прилепското село Прилепец е едно од најубавите светилишта во околината на Прилеп. Сместен на 10тина километри од градот, манастирот претставува духовно светилиште кое мами со мирот и спокојот кој го нуди.

До манастирот се пристигнува брзо и лесно по асфалтиран пат. Низ годините манастирот постојано се обновуваше и осовременуваше, за денеска да биде едно прекрасно место каде може да поминете прекрасен ден со вашето семејство, да преспиете и да уживате во прекрасната природа и чист воздух.

Во време на Втората светска војна манастирот бил засолниште на партизаните. За тоа сведочи и споменичното обележје, кое е малку десно од манастирот, а е посветено на деветмина загинати партизани, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.

Во конакот има 15 соби. Во празници е полн. Не само млади туку и повозрасни го посетуваат, затоа што тука можат да си приготват и храна, оти ги има сите услови. За престојниот празник Успение на Пресвета Богородица, во манастирот ќе биде весело, ќе има 15 домаќини, а ќе се служи света литургија и ручек за сите гости.

Портите на манастирот ќе бидат отворени за сите добронамерници кои ќе дојдат да запалат свеќа, да се помолат за здравје и да уживаат во празничниот ден.

Вечерната литургија ќе се одржи 27.08 сабота со почеток од 19.00 часот, а во недела 28.08 со почеток од 08.00 часот, се покануваат сите верници да присуствуваат на богослужбите и на свечениот ручек.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.