Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека рускиот претседател, Владимир Путин, ќе ги концентрира нападите во Украина на сепаратистичката зона Донбас, на истокот на таа земја, во обид да постигне победа за 9 мај, на годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија во 1945 година.
„За Русија 9 мај е национален празник, важен воен датум и речиси е сигурно дека за претседателот Путин, 9 мај треба да биде ден на победа“, изјави Макрон за француското радио РТЛ.
„Тие ќе ги концентрираат своите напори на Донбас, ќе видиме многу тешки сцени во наредните недели, во таа област во источна Украина“, рече францускиот претседател. Тој потсети дека Франција се обидува да организира хуманитарни операции со Грција и Турција на југот на Украина, во пристанишниот град Мариупол, кој е под опсада, но дека тие се соочуваат со големи тешкотии.
Макрон изјави дека дијалогот со рускиот лидер Владимир Путин е негова должност и дека тој ќе продолжи да ги води тие разговори.
„Моја должност е да разговарам со него, тоа ни треба. Нема да престанам да го правам тоа. Тоа ни овозможува да бидеме играчи во преговорите“, рече тој, додавајќи дека украинскиот лидер Володимир Зеленски исто така бара од него да разговара со Путин.
Според него, Франција треба да биде една од земјите кои ќе гарантираат мир во Украина кога ќе стапи на сила примирјето.