Францускиот претседател Емануел Макрон во пресрет на денешната посета на Москва изјави дека верува оти е можен договор за да се избегне војна во Украина, но и дека Русија има право да се грижи за сопствената безбедност.
Тој за францускиот „Журнал ди диманш“ изјави дека целта на Русија „не е Украина, туку разјаснување на правилата со НАТО и ЕУ“, пренесува Би-би-си.
Макрон изрази надеж дека неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде доволен за да се спречи воен конфликт и додаде дека верува оти Путин ќе биде отворен за разговори за пошироки прашања.
Францускиот претседател, кој во неделата разговараше и со неговиот американски колега Џозеф Бајден, повика на воспоставување „нова рамнотежа“ со цел да се заштитат европските земји и да се смири Русија.
Тој повтори дека суверенитетот на Украина не е тема на разговор.
„Мораме да ги заштитиме нашите европски браќа со предлагање нова рамнотежа која ќе може да ги зачува нивниот суверенитет и мир“, рече Макрон.