Македонското девојче од Битола кое ни носи први награди од концерти ширум светот, пеејќи прекрасни народни песни (Фото галерија)

Теодора Мицеска е голем музички талент и досега гордо ја претставува Македонија на голем број фестивали на меѓународно ниво. 15-годишната битолчанка реди успеси на секоја сцена, каде и да се појави, а последно ја претставуваше нашата држава на голем меѓународен фестивал во главниот град на Молдавија, Кишинев, каде освои град при награда. Во продолжение Теодора ни расакажа се’ за натпреварот и нејзиното најново искуство.

-Нештата кои најмалку очекуваш дека ќе се случат се едни од поубавите и послатките. Некои луѓе несакајќи ќе се впуштат во еден непознат свет со илјадници препреки, изненадувања, успеси, потешкотии, но сите тие работи се едно големо искуство за самата личност. Јас несвесно се впуштив во еден музички свет, каде што има милион препреки, но знам дека секоја една од нив ќе ја надминам со многу труд, љубов и многу волја.

Постепено чекориме кон еден голем успех, успех каде што е потребна голема поддршка од оние кои секогаш се покрај тебе, и јас таа поддршка ја имам. Како млада личност со свои шеснаесет години од Битола, предходните неколку дена гордо ја претставив нашата држава на молдавската музичка сцена, пред молдавските екрани и пред многубројна публика. Тоа е еден од поголемите меѓународни фестивали што се одржува во Молдавија, во главниот град Кишинев, кој траеше од 27-31 октомври. Оваа година броеше најмногу учесници – повеќе од илјада, од: Романија, Украина, Русија, Молдавија, Бугарија, Албанија, Косово, и секако ние од Макеоднија – раскажува Теодора.

-Како единствен учесник од нашата држава на тие големи сцени пред толку многу публика, чувството е нереално и просто неописливо. Самиот натпревар има повеќе категории за натпреварување (естрада, фолклор, балади, поп, џез, кореографии, гимнастика, уметност итн.). Јас учествував во категоријата фолклор, со изведба на наша стара и една од најубавите македонски народни песни, “Јано мори” – додава младата Мицеска.

-Повторно по втор пат на истата сцена, истата личност, но различна песна заблескаа на молдавската сцена. Се борев за она кое го заслужувам и за она за кое навистина треба да го добијам. Горда сум што Македонија ја имам претставено во пристојно светло и на други музички сцени.

Во 2019година во истото место со песната “Ој ти пиле”, Македонија повторно беше во рамките на победата, повторно ја претставив во најдобро светло како единствен претставник од нашата држава – ги завршува своите импресии од натпреварот Теодора.

Додека очекуваме снимка од нејзиниот настап од оваа година, еве како звучеше Теодора минатата година.

А еве и дел од настапот на Теодора во Бугарија минатата година:

Инаку, Мицеска има учествувано и на други фестивали надвор од Македонија – Бугарија, Грција, Романија, Молдавија, Израел, Италија, Украина, Русија, и секогаш се враќала со први места и Grand Prix во Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.