Македонски ученици, меѓу кои еден прилепчанец, освоија еден сребрен и два бронзени медали на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика

Јуниорскиот тим на македонски информатичари годинава доста успешно се претстави на 15-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2022), која од 28-ти август до 3-ти септември се одржува во Дорохои, Романија, оставајќи ги тимовите на повеќето балкански држави зад нив.

Тимот составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, Владислав Бидиков и д-р Миле Јованов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медала.

После една година пауза и една година како онлајн натпреварување, ЈБОИ се одржува како регуларен настан. Покрај учеството на повеќето земји од балканската иницијатива во информатика, беа присутни и Украина и Азербејџан како земји гости.

Во силна конкуренција во која скоро сите земји учеснички се поголеми од Македонија, сребрениот медал за нашиот тим го освои Благој Рујаноски Стојановски, ученик со штотуку завршено основно образование.

Учениците Никола Стојковски и Дамјан Давков од Скопје освоија бронзени медали, а најмладиот учесник од Македонија се врати со олимписка пофалба. До сега, во овие 15 изданија на олимпијадата македонските натпреварувачи имаат освоени 5 сребрени и 24 бронзени медали.

Овој резултат на нашиот јуниорски тим покажува дека континуираната работа на членовите на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) создава не само врвни резултати туку и иднина. Добро би било и фокусот на државните институции да се насочи кон поддршка и развој на талентите преку средување на законската легислатива и вистинска поддршка на организациите и поединците кои работат на тоа. Талентите, во која било област, може да бидат потребната сила за придвижување на државата во вистинска насока, а, во денешно време, особено идните информатички инженери. Благодарни сме до Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација, кои годинава го поддржаа циклусот на натпревари, вели д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ.

Во периодот кој следи ни претстои учество на Балканска олимпијада за во Букурешт, Романија, Европска олимпијада за јуниорите во Украина – онлајн, како и Европска олимпијада за девојки во Турција, а учениците од сите тимови следниот викенд ќе бидат гости во вилата Билјана во Охрид, на покана на Претседателот на државата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.