Ученици – информатичари од земјава освоија три медали од кои една сребрена и две бронзени на Балканската олимпијада по информатика што од понеделникот до денес се одржуваше во Атина.
Сребрениот медал го освои Мартин Динев од валандовското село Пирава, а двата бронзени медали им припаднаа на Андреј Величковски од Куманово и Благојче Павлески од Прилеп.
Во тимот беше и Владимир Шарковски од Скопје како натпреварувач, а со тимот раководеа Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
За претседателот на Здружението на информатичари Миле Јованов, натпреварувачите од нашата земја го продолжиле контиунитетот на одлични претставувања во меѓународни рамки и покажале дека со знаењето што го имаат од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со своите врсници шурум светот.
Главен организатор на БОИ 2019 беше Здружението на информатичари на Грција. Натпреварот се одржа со поддршка од грчкото Министерство за образование и верски работи. На годинашното издание учествуваа 44 натпреварувачи од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земја-гостин на олимпијадата, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија.
БОИ е регионален натпревар од областа на компјутерските науки за средношколци, на кој традиционално учествуваат по четворица најдобри ученици избрани на националните натпревари во програмирање на земјите-членки на БОИ заедницата. Следната, 28. Балканска олимпијада по информатика ќе се одржи во Словенија.
Извор: “Инфомакс”