Македонски активист од Бугарија кандидат за градоначалник на Благоевград

Атанас Кирјаков, македонски активист од Бугарија, објави дека на претстојните локални избори ќе биде кандидат на ОМО „Илинден“ за градоначалник на Благоевград – пишува порталот “Експрес.мк”

„27.08.2019., ИК на ОМО ‘Илинден’ (Благоевград) ја издигна кандидатурата на Атанас Кирјаков за градоначалник на Благоевград на претстојните локални избори, кои ќе се спроведат во текот на месец октомври 2019“, објави тој на својот профил на Фејсбук.

„Само треба да сме обединети и ние благоевградчани можеме да го победиме ГЕРБ“, порача популарниот Војвода, мислејќи на владеачката партија на премиерот Бојко Борисов.

Кирјаков (58) потекнува од бегалско семејство од Егејскиот дел на Македонија и е еден од основачите на Обединета македонска организација „Илинден“. Во 1991 година ја основа издавачката куќа „Кукуш 1913“, преку која го издаваше весникот „Пиринска камбана“, а во 1995 година во родниот Благоевград го основа Културно-просветното и спортско друштво „Светилник“. Активно се занимава со проучување на македонската историја преку собирање документи од Пиринскиот дел на Македонија. Врз основа на таквите документи, со Александар Донски во 2005 година ја објавија книгата „Сведоштва од Илинденскиот период“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.