“Да ви се претставиме. Јас сум Силвана, за пријателите и блиските Силве, a тој, мојот г-дин совршен е Антон, мојот сопруг. Може ќе ви звучи премногу патетично, но ние сме како еден цел неделив ентитет, Силве & Тони.
Уште додека си бевме млад брачен пар сонувавме за топол дом исполнет со многу деца. Ама животот не ти бил желботека. Покрај сите можни обиди, не успеавме.
Како и да е, после многу години, ние го предадовме тој фронт. Но затоа почнавме да работиме на нашето поинакво првороденче. Проектот “Гушни го светот” е нашето прво дете. И знам, едностано чувствувам дека овој пат ќе успееме. Едноставно, ова наше првенче мора да се роди и да заживее”, со овие зборови на Фејсбук странта “Гушни го светот” Силвана Митрева ја најави нејзината и авантурата на нејзиниот сопруг која моментално е во тек.
Понатаму таа додава:
“Инаку, Тони е љубител на мотоциклите повеќе од 40 години, а притоа му успеа да ме зарази и мене. Најверојатно бев една од ретките којашто, кога првиот пат се качи на мотор, се отепа од плачење. Првиот пат се качив на мотор само од љубов кон Тони зашто сакав да бидам мал дел од таа негова страст. Но, со времето јас несвесно се инфицирав до тој степен, што сега се подготвуваме со мотоцикл да ја заобиколиме планетата и да го гушнеме светот.
Одлуката падна, Јас и Тони ќе се обидеме да си го исполниме животниот сон. Одлуката беше тешка. Од нас сега се бара пожртвуваност и трасирање нови и неизвесни патишта. Не е едноставно, си ги напуштаме работните места, удобноста на нашиот дом, сигурноста што ни ја пружа нашата земја за да заминеме во авантура. Кај нас, секако, постои и стравот за сопственото здравје, стравот од непознатото, од несреќите на светот што ќе не пресретнат попатно. Да, но ние двајцата делиме исти стравови и иста страст. Во наредните 365 дена ние ќе бидеме неразделни 24/7, минувајќи стотици илјади километри, преку сите континенти и преку 40 држави”, вели Силвана.
“Тешко е, знаеме, но не ни беше лесно ни кога цели 20 години поминувавме илјадници километри, тропавме по стотици врати во земјава и низ Европа, за да се најде најдобриот лекар што лечи стерилитет за да ни помогне. Имаше многу солзи, чувство на нереализираност, на безвредност.
Но затоа, овој пат мора да успееме! Мораме да го гушнеме нашето прво чедо. Многу ќе ми значи вашата подршка. Затоа, ве молам, коментирајте, бодрете не, укажете ни каде грешиме, бидете со мене тука, но не велете ми дека нема да успееме.
Придружете ни се во овој наш животен предизвик со Ваша искрена подршка,за заедно со Тони успееме да ја запишеме оваа трага,трага која како наследство ќе му ја подарима на светот и на Македонија. Дајте ни сила и крилја”, завршува Силвана.
Брачниот пар вчера пристигна во главниот град на Казахстан Астана, каде ги пречека македонскиот амбасадор во оваа земја, Илија Псалтиров.
“Со голема радост, амбасадата ги пречекаа двајцата македонски ентузијасти Силве и Тони Митреви, кои под мотото „Македонија го гушка светот“ со својот мотор планираат да го поминат целиот свет (пет континенти) за една година.
Тие неколку денови се гости во македонската резиденција, каде амбасадорот Псалтиров и неговата сопруга се погрижија нивниот престој во Астана да им остане во убав спомен. Батериите се наполнети, рутите дефинирани, визите обезбедени. Ги чека долг пат низ Казакстан, Узбекистан, Киргистан, а потоа кон остатокот на Азија и светот.
Јунаци наши, ги стискаме палците за вас, ви посакуваме среќа и добро здравје и … Ве гушкаме и ние, исто така! Се гледаме до година во нашата прекрасна Македонија”, напишаа од македонската амбасада на Фејсбук.
Силвана и Тони се вистински македонски херои! Нивната подготвеност, решителност, желба за адреналин, стекнување на нови искуства, запознавање на различни култури, но и истовремено ширење на нашата култура и традиција во сите земји ширум светот, ги прави посебни и ги заслужуваат сите почести!
Капа долу храбри луѓе!
Авантурите на Тони и Силвана можете да ги следите на следниот ЛИНК