Македонскиот тим одличен за Олимпијадата по информатика во Боливија – меѓу нив и ученикот од Прилеп, Благој Рујаноски Стојановски (ФОТО)

На 37. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025), која се одржа од 27.07 до 03.08 во Сукре, Боливија, македонскиот тим постигна историски најголем успех досега. Дамјан Давков од Штип и Леонид Цуклев од Гевгелија освоија сребрени медали, а Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп и Виктор Максимоски од Гостивар добија пофалници.

ИОИ е најпрестижниот светски натпревар за средношколци во областа на алгоритамско програмирање, со учество на 330 ученици од 86 земји годинава. Македонија учествува на ИОИ од 1996 година и досега има освоено 6 сребрени, 24 бронзени медали и 4 пофалници. Ваквите резултати се особено значајни со оглед на високите критериуми за доделување медали на ИОИ.

Овој успех е и на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кое го организира целогодишниот циклус натпревари за селекција на тимот, со поддршка од ФИНКИ и неколку компании. Тимот беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.

Важен придонес за учеството на олимпијадата имаше и Министерството за образование и наука (МОН), кое за прв пат целосно ги покри патните трошоци на тимот. Оваа поддршка од МОН се смета за силен сигнал дека државата го препознава потенцијалот и значењето на младите ИТ таленти.

Освојувањето на пофалница на натпревар од светско ниво е голем успех за нашиот ученик Благој Рујаноски Стојановски. Благој, на сите државни натпреварувања по информатика на кои учествувал изминативе три години секогаш е на врвот, а во 2023 на Балканската информатичка олимпијада освои бронзен медал.

Училишен ментор на Благој му е професорката по информатика Анета Стојческа.

Браво за Благој и за неговиот ментор!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.