Македонска православна заедница во Загреб доби прекрасен храм – Го носи името на Св. Злата Мегленска (Фото)

Македонската православна заедница во главниот град на Хрватска добива нов велелепен храм, посветен на македонската светителка и великомаченичка Св. Злата Мегленска.

Во храмот кој започна да се гради од 2014 година, пред Велигденските празници се финишира внатрешното уредување, се работи фрескоживописот, а беше поставен и централен кристален лустер од познатиот македонски бренд СДК Кристални лустери, украсен со икони на македонски светители.

„Македонците во Хрватска со распадот на Југославија, кога почнаа културно да се организираат, почуствуваа дека без духовно организирање и без црковна општина тоа не би било потполно“, изјави своевремено протојереј ставрофор Кирко Велински кој веќе 15 години е надлежен парохиски свештеник на 4-те црковни општини на МПЦ во Хрватска, додавајќи дека во декември 1993 година регистрирана е првата црковна општина Св. Злата Мегленска во Загреб, а подоцна се формирани и останатите три црковни општини во Пула, Сплит и во Ријека.

Како што ни рекоа од македонската заедница во Загреб, Македонската православна црква имаше голема поддршка од поранешниот градоначалник на Загреб, господинот Милан Бандиќ како и од безброј верници, пријатели и почитувачи на МПЦ кои несебично се вложија во изградбата на првата Македонска православна црква во хрватската метропола.
Храмот се простира на површина од 800м2 и се наоѓа во самиот центар на градот на раскрницата на Загребачка авенија и Савска улица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.