Македонската дива Андријана Јаневска, придружувана од дуото Ратко и Драган Даутовски, приредија магична ноќ за паметење во Прилеп (ФОТО/ВИДЕО)

Претесно беше синоќа на платото пред велелепната црква Св. Петка во Прилеп. Македонската дива Андријана Јаневска, придружувана од изведбите на народни инструменти од Ратко и Драган Даутовски, приредија ноќ за паметење.

Концертот кој имаше хуманитарен карактер и беше насловен како “Од векови за векови”, имаше донаторски карактер, а со цел доизградба на ова духовно светилиште.

Маестралните изведби на “Заветна”, “Ја излези Ѓурѓо”, “Кога падна на Пирина”…. и многу други, предизвикаа воздишки кај сите присутни.

Платото беше претесно да ги собере сите заинтересирани за концертот, па во прекрасните звуци се уживаше и од улицата пред црквата.

Граѓаните им честитаа за настанот на црковниот одбор на храмот, Протоереј Љупче Петрески и професорот Мендо Ташкоски, кои беа главни “виновници” за ова ретко музичко случување, и посакаа ваквите настани да продолжат и во иднина.

За концертот Јаневска на својот ФБ профил напиша:

-Вчерашниот хуманитарен концерт посветен на доизградбата на духовното светилиште, архитектонскиот бисер, храмот Св. Петка во нас. Точила, Прилеп, за мене беше еден од најинспиративните концерти во мојата досегашна кариера. Огромна благодарност до Отец Љупче Петрески за поканата и беспрекорната организација, како и до моите колеги Драган и Ратко Даутовски кои со виртуозноста на своите инструменти придонесоа концертот да звучи маестрално и светски. Им благодарам на сите кои дојдоа и донираа средства за доизградба на оваа црква.

Секој кој е во можност доизградбата на храмот може да го помогне преку донација на следната трансакциска сметка:

Храм “Св. Петка”-Точила, Прилеп 500-000000887189

Во продолжение уживајте во прекрасната изведба на “Заветна”, снимена од Лука Кочоски и неговата KL Produkcija .




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.