Македонската фудбалска репрезентација ја запиша својата трета победа во квалификациите за Светското првенство, и тоа повторно против Лихтенштајн – овојпат на домашен терен во Скопје со убедливи 5-0. Ова е највисоката победа на избраниците на селекторот Благоја Милевски во досегашниот циклус, со што тимот повторно се искачи на врвот на табелата во групата. Таму ќе остане барем до октомври, кога следи големото дерби против Белгија.
Форматот на квалификациите предвидува директен пласман на Светското првенство само за првопласираната селекција, додека второто место носи учество во бараж. Со три преостанати натпревари до крајот, Македонија има одлична позиција и реални шанси да се вмеша во борбата за самиот врв.
На 10 октомври нашата репрезентација ќе и гостува на Белгија, најголемиот фаворит во групата, која во септемвриските средби забележа убедливи победи од по 6-0. Во Скопје одигравме реми 1-1 и покажавме дека можеме да им парираме, а останува да се види дали слично издание може да се повтори и на гостински терен во Гент. Секој позитивен исход би ги зголемил шансите за пласман, но ќе мора да се потврди со триумф над Казахстан на 13 октомври во Скопје.
Ако, пак, не дојде до изненадување против Белгијците, тогаш клучен натпревар за второто место ќе биде гостувањето кај Велс на 18 ноември – покрај тоа што важен ќе биде и резултатот од нивниот дуел со Белгија на 13 октомври. Групата останува неизвесна, а Македонија веќе покажа дека може да се носи со селекции кои важат за фаворити. Колку тоа ќе биде доволно за конечен успех – ќе дознаеме во месеците што следат.
Распоред на натпревари во нашата група:
Октомври
Белгија – Македонија
Македонија – Казахстан
Велс – Белгија
Ноември
Казахстан – Белгија
Лихтенштајн – Велс
Белгија – Лихтенштајн
Велс – Македонија