Македонија, вечна

slika 1
Македонија, вечна

Александаре! Александаре……..!
Некој го извикува моето име. Кој ли може да биде?
Александаре….!
Некаква фигура се приближува кон мене. Движењето му е бавно и некако како да се клати. Не можам да го видам убаво, но се приближува. Силуеатата се поблиску е до мене и сега можам уште подобро да забележам дека човеков што кон мене се движи е сакат на едната нога.
Добар ден Александаре!
Добар ден….. возвраќам на непознатиот, од култура.
Што е ова што се случува во мојата Македонија?
Твојата Македонија!? Во себе си велам, ова мора да е некој лудак кој транзицијата го оставила без работа па сега така со поматен ум, што би рекле прилепчани, лета некаде по чавките.
Правам мало движење кон него, сомнително, испитувачки. Се обидувам да му го видам лицето, но светлината која доаѓа од зад него не ми даозволува да забележам кој е.
Седи – ми вели. Кажи ми што се случува во мојата Македонија?
Си велам, кај ти е културата Александаре, одговори му на кутриов човек, можеби нема со кого да разговара.
Е, Александаре што дочекав јас кутриот, зарем јас ова го заслужив? Човеков направи чекор кон мене и го подаде лицето. Видов дека целиот е со боја обоен.
Се насмевнав, зошто смешно ми се стори и му реков: Што чичко, зарем и тебе стигнаа овие шарено-гардејциве да те обојат?
Лицето на човекот во грч се здроби како да му ја кажав најстрашната навреда, а веѓата која како да му беше од нешто сакатена свисна надолу. Мојата насмевка набрзо исчезна, зошто видов дека кутриов, шегата што некој идиот му ја направил, страшно го навредила.
Ми падна жал та станав и реков: Чичко седни, одмори се и кажи ми што те мачи?
Не, рече, не можам да седам, зошто сеуште ме боли копјето на Трибалите што во ногава го добив.
Копје!? – помислив, овој целосно полудел.
Да Александаре, добив и копје во ногата и окото во битката на Метона го дадов за Македонија. А види тие кучиња што ми сторија!
Занемев…. Па ова е Филип II Македонски! Но зошто е ваков!?
Да Александаре, јас сум Филип Македонецот! И не барај одговори туку ти одговори ми, зошто сум ваков обоен, исмеан, унакажан? Кој се осмели, охрабри и одважи да ме понижи? Одговори ми кој дозволи тоа да се случи? Та зарем по земјата Македонска не чекорат Македонци кои ќе ме одбранат?
Устата ми е зината, но глас не пушта. Што да речам, што да одговорам кога вистината ме боли и не ми дава сила да одговорам, да објаснам, да се оправдам, зошто и јас сум Виновен.
Кралу мој, – се обраќам на Филип – грешката која од самиот почеток ја ткаеме е во нас самите. Грешката е во нас зошто Семоќниот ни дал таков генетски код, да простуваме. И можеби токму тоа простување ни искупува Благослов од Семоќниот, да ни помогне кога ни е најтешко.
Зошто му простивме на Александара, братот на Павсаниј кој го зари сечилото во твоето тело и те прати во Вечноста.
Му простивме на пријателите на твојот Голем син кои го отруја, зошто му беа љубоморни и не го разбираа.
Му простивме и на Иван Владислав кој го уби својот спасител Гаврило Радомир, синот Самоилов.
Нивната семка предавничка се провлекува низ целата Македонска историја и ја става на искушенија секоја генерација, од Твое време до денес.
Правнуците на тие синови изроди како што ги нарече Големиот Делчев и денес не црнеат, бојат и обојуваат. Го сечат, плукаат и горат коренот наш Македонски да се заборави дека семката нивна, е предавничка.
Ги ставам дланките врз лицето и чуствувам дека гневот, тој критски бик во мене, ослободил солзи, та тие сега се тркалаат и ги влажнат моите дланки. Старецот ја спушти својата дланка на мојата глава и го смири мојот гнев, исто како што Херакле го скроти критскиот бик и го однесе во Микена.
Знам Александаре, знам како вие е, зошто исто така се чуствуваат и сите херои падната за Македонија. Немирни се и вознемирени. Немирна е и Мојата војска, која е построена и го чека мојот знак да стане, да Воскресне, и да ја одбрани Македонија од клетнициве од изродиве. Војската е немирна зошто немирни им се коските кои скапуваат во земјата Македонска.
Војската е немирна зошто со секој здив, со секој чекор предавнички, тие се превртуваат, лелекаат и ги боли затоа што се уништува најсветото, Македонија.
Имајте храброст Александаре! Верувајте во силата на оваа Света земја Македонска. Имајте верба во Македонија, зошто секогаш кога беше најзагрозена, таа се издигнуваше од пепелта како птицата Феникс и стануваше најсилна.
Македонија ја наследив во време тешко како вашево, денешново. Од сите четири страни сардисани, но Воскреснавме, и светот дозна за Македонија.
Доаѓам од минатото за да ви ја покажам иднината. Доаѓам да ви кажам дека јас сум коренот, вие сте стеблото, а вашите деца се гранките.
Чувајте го коренот и пуштајте ги гранките кон небото, кон иднината, кон Вечноста.
Светлина блесна позади старецот, а боите од неговото лице исчезнаа. Филип светна во сиот сјај, горд исправен и полн со надеж. Левата рака ја стави на својот ксифос, а со десната, стисна тупаница, ја крена високо над својата глава и извика:
Верувајте, Македонија е вечна!

Александар Костадиноски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.