“Македонец од Србија најавува ли голема афера за организацијата на “Пивофест”?!

Добривоје Марински 25 години е сопственик на регионалната телевизија “Сонце” во српскиот град Аранѓеловац. Тој е Македонец по потекло, менаџер со долгогодишно искуство и реноме, а 13 години го организира познатиот “Гуча Фестивал” – врвен собир на трубачи каде доаѓаат над милион посетители од цела Србија и пошироко.

Марински има работено на еден куп други проекти, соработува со мал милион познати музички имиња од Балканот, а неодамна работел и на маркетингот за избор на претставник на Србија на Евровизија.

На “Пивофест” во Прилеп досега ги има донесено: Горан Бреговиќ, Владо Георгиев, Мирослав Илиќ, како и други познати музички имиња.

Денеска тој со допис се обрати до нашата редакција, каде информира дека бил побаран од градоначалникот Илија Јованоски да помогне околу организацијата на овогодинешниот фестивал на скарата и пивото. Но, за жал не паднало договор, а Марински ги изнесува причините за тоа.

“Јас со градоначалникот на Прилеп, господин Илија долго разговарав да го унапредиме овој фестивал и да го вратиме “стариот сјај”. Овие преговори траеа од февруари, а тој доаѓаше во Аранѓеловац, каде јас живеам и каде сум сопственик на регионалната телевизија “Сонце”.

Инаку, 13 години сум сопственик на лиценцата за “Гуча” во Србија, најголемиот национален музички бренд.
Сакаше да се вклучам во организацијата за фестивалот и јас тоа го прифатив да го работам без никаков надоместок. Дури три пати доаѓав на разговори во Прилеп.

Конципиравме и програма, на 18-ти да бидат “Бело Дугме”, 19-ти Цеца, 20-ти Влатко Стефановски, а завршниот ден, 21-ви Јелена Розга, Гоца Тржан и Саша Матиќ. Исто така предложив врвна продукција, бина долга 40 метри, а висока 16, за истите пари, за кои досега беа плаќани послаби продукции од оваа, која би изгледала грандиозно.
Илија знае. На прашањето колку ќе чини мојата работа, реков НУЛА, но да направиме фестивалот да не се сруши до крај.

Како што поминуваше времето, а го запознав и неговиот тим на луѓе, каде со сопругот помеѓу останатите беше и извесна Јана, сфатив дека ова е “неозбилна дружина”.

Eдинствен впечаток ми остави извесен правник Жаре, кој се залагаше за крајна транспарентност во работата. Како што поминуваше времето се откажуваа од предложените содржини, каде имаше и неколку врвни македонски изведувачи, а работата се претвори во пазар.

Дали тие беа неспособни, дали ја изгубија пиварата и довербата на спонзорите во ваквата организација, сведочеше времето. Секој имаше свој интерес. Мојот интерес се врвни изведувачи и светска продукција која тој ми ја гарантираше.

Jaс целото време мислев дека сме сериозни луѓе и тоа беше мој проблем, затоа што на крајот се спуштивме на ниво на вашарско мешетарење, што никако не оди во прилог на овој фестивал кој некогаш беше озбилен.

Колку граѓаните на Прилеп изгубија доверба во ваквиот начин на мешетарење, најдобро сведочат резултатите од изборот на претседател, каде партијата на која и припаѓа и господинот Илија е озбилно задрмана, и допрва ќе биде.
Потсетувам, дека барем 5 пати се видовме за фестивалот да го издигнеме, но тоа со вакви ситни мешетарења нема да се постигне.

На господинот градоначалник му порачувам, јас ви дозволил на мене да извршите ортопедска интервенција, но ваквиот вид на работа морате да им ја препуштите на луѓето кои тоа го знаат, затоа што не верувам дека доаѓавте кај мене во Аранѓеловац само за да ручате. Досега на тој фестивал, додека беше сериозен, ги донесов Горан Бреговиќ, Владо Георгиев, Мирослав Илиќ и други.”

Maрински во дописот до Маркукуле додава дека имал намера да го направи најдоброто за фестивалот во Прилеп, па дури и да ангажира некои фирми за спонзори.

“На градоначалникот му реков дека за мојата работа не барам пари, само сакам како Македонец да ја вратам славата на фестивалот, да биде како во времето на претходниот градоначалник кога беше вистински колапс од посетеност. Продукцијата требаше да биде иста како онаа за фестивалот на Здравко Чолиќ во Скопје, и сето тоа требаше да биде за исти пари колку што плаќале досега за фестивалот, ни евро повеќе”, вели тој.

Според него Цеца за својот настап побарала 40.000 евра, а на списокот со програмата била и Елена Велевска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.