Македонецот Даниел Илиев по втор пат избран за градоначалник на град во Германија

Даниел Илиев, Македонец по потекло, од 1 јули го започнува својот втор шестгодишен мандат како градоначалник на германската општина Херинген. Илиев денеска даде заклетва за втор мандат, откако на 6 март освои 85.4% од гласовите.

На крајот од најновата седница на градскиот парламент во градското собрание, првиот човек на градскиот совет Алфред Рост повторно го задолжи Илиев совесно да си ги извршува обврските и му положи заклетва.

Првиот градски советник Јоханес Бејер го предаде уверението за именување. Градските советници претходно едногласно го прогласија за валиден резултатот од гласањето во март. По церемонијата, Илиев ги презентираше проектите што беа започнати во изминатите шест години.

Херинген е мала општина со нешто над 7.000 жители, а се наоѓа во сојузната држава Хесе, во дистриктот Херсфелд-Ротенбург.

Илиев е роден во Германија, а по потекло е од Радовиш.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.