“Лaжнa ЕУфopиja”

Пишува: Филип Георгиески

Еврокомесарот Оливер Вархеји вели дека раздвојувањето на Албанија и Македонија од преговорите за ЕУ е опција ако двете државни не пронајдат заедничко решение.

– Ако и понатаму наидеме на потешкотии со Македонија, тоа би значело неуспешни преговори со Бугарија, тогаш би можеле да продолжиме само со Албанија. И треба да го разгледаме тоа прашање, истакна Вархеји.

И додека пред нецела година целата јавност беше убедена дека кочницата на европската патека за нашата држава е Албанија, денес ситуацијата е целосно променета. Или можеби ништо не се променило, но сме биле во заблуда. Но, мора да признаеме дека е добар изговор.

Ако пред три години нашата кочница беше Грција, а сега тоа се Албанија и Бугарија, останува прашањето: “Дали Македонија ќе добие датум за преговори ако ја комплетира продажбата со Бугарија?”.

Па добро луѓе, во различна ли држава живееме? Нели сите ги имаме истите проблеми? Нели сите сме имале потреба од некаков документ кој требало да ни биде издаден од “Солитаре” администрацијата? Нели сите сме имале потреба да застанеме пред корумпирани обвинителки-политичарки кои не ги гонат криминалците, туку се занимаваат со невладини организации? Нели сите можевме да видиме како судиите си ги сместуваат своите деца во Академијата? Нели сите имавме можност да видиме како се уништува образованието со бесмислени “реформи”? И за крај, нели сите загубивме по некој близок во оваа пандемија, а некои профитираа на туѓата несреќа?

Станавме безимена држава, без суверенитет, достоинство, а наскоро и без историја. На народот му беше одземена единствената можност да одлучува за важните прашања, а сега да слушаме само бледи изговори на некакви си специјални советувачи, пратеници, професори. Најдобар доказ за специјалните во Македонија е Специјалното јавно обвинителство.

Специјалниот пратеник во Софија, Владо Бучковски во една прилика рече дека се случило најлошото сценарио за Македонија бидејќи во Бугарија не може да се состави Влада.

Доста е веќе со изговори! Ние, самите ние сме си најголемата препрека на патот до Европа! Не барајте ја ЕУ во Брисел, донесете ни ја во Македонија!

Нашиот менталитет е европски, и нашето место е во Европската Унија. Но, за жал нашите политичари како да се увезени од некоја средноафричка диктатopска држава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.