Ирена Стерјоска Локвенец, претседател на комисијата за финансирање и буџет, денеска одржа прес конференција на која ја изнесе финансиската состојба на Општина Прилеп која е затекната после локалните избори 2021 година. Во продолжение текстот од прес конференцијата.
„Ви благодарам за вашето внимание денес да присуствувате на брифингот за финансиската состојба и кондиција на Општина Прилеп која ја затекнавме после локалните избори 2021г. Она што е воочливо и што сакаме да го потенцираме денес се обврските со кои ја превзедовме локалната самоуправа. Вкупните обврски, во кои спаѓаат тековните обврски, долгорочните обврски и обврските по договори за јавни набавки претставуваат висок износ од 292.562.164,00 денари. Овој Висок износ на обврски оставени од претходната локална власт предводена од СДСМ можно е да го доведат под ризик извршувањето на Буџетот во 2022г.
Ризик фактор за извршувањето на Буџетот ќе претставуваат и судските спорови, посебно судскиот спор кој е поведен од изведувачот на реконструкцијата на мостот на градската река на улица Трајко Николоски. Во минатото време кога ВМРО ДПМНЕ бевме опозиција, реагиравме по информациите со кои тогаш располагавме,дека има сомнителни и спорни постапки во овој предмет и проект. Тоа сега и го увидуваме преку документацијата од каде лесно може да се констатира дека и покрај поминатиот временски период за реконструкција, првиот договор е склучен на 10.05.2019г. со времетрање од 365 дена, сепак на 18.12.2020г. или 7 месеци по пробиениот рок склуќен е анекс договор со што вредноста на првичниот договор е зголемен за 4.150.206,00ден. Она што исто така е интересно ,е тоа што овој мост беше пуштен во употреба во декември 2020г во присуство на министерот за транспорт и врски г-н Бочварски, а на 30.03.2021г. повторно е склучен нов анекс договор кој го поништува анекс договорот од 09.04.2020 со бр. 03-50/12. Вредноста на мостот кај сточен пазар стигна приближно 600.000 евра.
Исто така, друга ставка која остава впечаток при анализата на финансиската документација е ставката на привремени вработувања. Рекапитулацијата на оваа ставка во период од 2018 до 2021година е фантастични 66.468.765,00ден. Од тука може да се види на кој начин се водела кадровската политика на ниво на нашиот град. Само за споредба, во период од 2013г. до 2017г. на оваа ставка биле потрошени 5.400.000,00ден.
Она што треба да го знаат граѓаните е тоа што овие високи средства на буџетски пари се на сметка на намалување на средствата за капитални расходи кои можеле да бидат наменети за некои капитални проекти.
Ова е само еден дел кој сега го изнесуваме пред прилепската јавност за финансиската состојба и ризици за општината, како и одредени финансиски можни злоупотребикои ќе треба да ги истражат соодветни правни, финансиски и ревизорски инстанци“, изјави претседателот на комисијата за финансирање и буџет Ирена Стерјоска Локвенец.