“Локвенец распали по Градоначалникот и Талески: Дали канцерогени честички од “Алинци” ги трујат жителите на Пелагонија, а вас уво не ве боли??” (Видео)

Oд 27-ми јуни до денеска 3-ти јули, градската депонија кај Алинци во близина на Прилеп гори и претставува нова еколошка бомба во срцето на Пелагонија. Шест дена депонијата во Прилеп гори, а полето е исполнето со чад и канцерогени состојки, кои се голема закана за здравјето на граѓаните, особено на земјоделците кои работат по нивите, но и вработените во странските фабрики во индустриската зона Алинци – истакна на денешната прес конференција Ирена Стерјовска Локвенец, претседател на Унијата на жени при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“Дали за оваа еколошка катастрофа некој ќе одговара и што ли работат од ЈКП Комуналец под чија надлежност е депонијата?

Загрижен ли е заменик министерот за животна средина Макрадули, бидејќи најплодната рамница во Македонија доживува труење од невиден размер?

Дали за оваа штета што се предизвикува ќе постои одговорност од градоначалникот Илија Јованоски и директорката на Комуналец Ирена Станковска, или како за се друго луѓето од власта на СДСМ ќе останат недопирливи?

Вака ли изгледа новиот концепт на старо-новиот претседател на ОО СДСМ Миле Талески и вака ли ќе работи во интерес на граѓаните?

Во период кога граѓаните се соочуваат со екстремни горештини, само поради неспособноста на власта мораат да дишат и отровен воздух.

За тоа колку е сериозен проблемот, зборува и оваа фотографија на која се гледа голем облак од чад над градот, иако надлежните велат дека огнот е ставен под контрола.

Почитувани,

После скандалот во кој граѓани информираа дека тињата и талогот од пречистителната станица се закопува во земјоделско земјиште, ова е втор случај на загадување на животната средина, пред кој локалната власт молчи.

Толку од ветувањата на градоначалникот за еколошки и чист град. Умира и последната надеж дека овие луѓе нешто ќе направат за Прилеп и прилепчани.

Поради нивната неспособност да раководат со општината и јавните претпријатија, станаа синоним за неспособност како локално раководство во Република Македонија, или како што тие ја нарекуваат “Северна”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.