Лозарите и винарите се договорија околу откупните цени и начинот на плаќање на грозјето

1 (1)

Лозарите и винарите се договорија околу цената на винското грозје со посредство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Остануваат ланските цени, или 11 денари за смедеревка и 13 денари за кратошија.

Ова вчеравечер на прес-конференција во Неготино го соопштија претставници на Министерството, лозарите и винарите, но и на локалната власт, во присуство на лозари и винари.

Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, појасни пред присутните лозари и винари дека пакетот работи кои се договорени опфаќаат и измена на законот за вино и нормално спроведување на активности од надлежноста на земјоделскиот инспекторат.

– Да се врати старото решение за отплата на рок од шест месеци. Но, во закон ќе биде внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти. Следната исплата е предвидена да биде до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје. Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето, рече Костадиновски.

Доколку не се почитуваат тие рокови, посочи, договоривме со винариите да има 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат.

– Исто така договорено е оној кој ќе договори откуп на количина грозје со винариите, доколку сака исплата веднаш во рок од 7 дена по извршениот откуп, да му биде исплатено грозјето со осум проценти намалување од договорената цена, нагласи Костадиновски.

Тој изрази надеж дека беспрекорно ќе започне овогодишната берба, иако во некои региони таа веќе е почната.

– Сите страни претходно имавме неколку пати средби во изминатиот период во Министерството. Главна тема што не преокупира сега и нас како Влада и Министерството, Државниот инспекторат за земјоделие, е да се организира гроздобер на задоволство на двете страни. Најголем дел од винското грозје се произведува во Тиквешијата и откупот на грозјето е многу важен за егзистенцијата, а има и други реони на лозаропроизводство. Бев вклучен во преговорите заедно со министерот и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, градоначалниците и претставниците на лозарите и винарите, рече Костадиновски.

Посочи дека имало неколку предлози коишто ќе значат надминување на состојбата во која се наоѓаат винариите.

– Ние како претставници на централната власт и на локалната сме тука за да ставиме до знаење дека ќе се почитува тоа што е договорено меѓу двете страни, додаде Костадиновски.

Љупчо Аризанов, претседател на Регионалниот Сојуз на лозари Агротиквешија, истакна дека по долготрајните преговори коишто ги имаале оваа година, дошло до компромис.

-Сметам дека лозарите треба да бидат задоволни поради тоа што ги задржавме минатогодишните цени. Нека ни е среќна бербата 2016 година, рече Аризанов и повика Министерството за земојделство во краток временски интервал да го реши проблемот со целокупната количина на грозје која ја поседуваат лозарите индивидуалци и фирмите кои се на нивниот терен.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.