Членовите на ловечкото друштво „Мукос“ од Прилеп вчера успешно реализираа еколошка акција за засадување на бадемови дрвца во ловиштата во Мариовскиот регион.
Акцијата имаше за цел унапредување на природната средина, збогатување на ловиштата и придонес кон зачувување на природната рамнотежа. Во раните утрински часови, ловџиите се собраа кај ресторанот „Етно Мариово“, по што со теренски возила се упатија кон локациите каде беа засадени садниците.
Со оваа активност членовите на друштвото уште еднаш покажаа дека ловците не се само љубители на ловот, туку и активни чувари на природата. Засадувањето на бадемови дрвца има значајна улога во подобрувањето на условите во ловиштата, обезбедувајќи природна храна и подобро живеалиште за дивечот.
Од ловечкото друштво посочуваат дека ваквите акции се дел од нивната континуирана грижа за природата и одговорното стопанисување со ловиштата, со што се продолжува традицијата на еколошка свест и одржливо ловство.































