Лидерството на капитенот Велески пресудно за нов убедлив триумф на РК Прилеп

Eкипата на РК Прилеп стигна до втората првенствена победа во ракометната Супер лига, откако викендов на домашен терен победи против Вардар Неготино. Крајниот резултат на семафорот беше 30:22, но тоа сепак не го отсликува сето она што се случуваше на теренот.

Иако прилепчани го имаа приматот на фаворити и публиката очекуваше и уште повисок триумф на овој натпревар, гостите од Неготино го држеа резултатот во егал последните десетина минути, кога на теренот играше и поентираше само домашниот тим.

По нерешените 14:14 на полувремето, прилепчани стигнаа до 2 гола разлика од 20:18, но Вардар повторно израмни, а во последните 15 минути гостите воопшто не можеа да го најдат патот до голот на прилепчани, па со серија од 10:2, домаќините стигнаа до нови 3 бода.

Најпрецизен во домашниот состав беше Шабановиќ Денис, кој натпреварот го заврши со 7 погодоци, а го следеше Пеце Рајатовски со 6 постигнати гола. Капитенот Филип Велески натпреварот го заврши со 2 погодоци.

Кај гостите Адамовиќ Лазар постигна половина од головите, односно натпреварот го заврши со 11 погодоци.

Во наредното коло, на 30.09, прилепчани го дочекуваат поголемиот Вардар – двократниот европски шампион ќе гостува во школската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.