Левица поднесе кривична пријава за Талат Џафери

Левица поднесе кривична пријава против парламентарниот спикер, Талат Џафери до Основното јавно обвинителство – Скопје.

Пријавата е поднесена поради тоа што спикерот Џафери своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, велат од Левица.

Џафери се терети за дека, намерно и со умисла, преку противуставното, противзаконското и противделовничкото одбивање на уредната граѓанска иницијатива – поднесена од страна на група од 646 граѓани, на пропишаниот образец од страна на Државната изборна комисија – сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање“, казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, пренесува Експрес.мк.

Од Левица сметаат дека со ова свое инкриминирано деликтно дејствие, преку злоупотреба на своите службени овластувања, пријавениот арбитрарно го ускратил врховното колективно уставно право на граѓаните, како носители на народниот суверенитет, на т.н. директна демократија, свесно спречувајќи нивно непосредно изјаснување по пат на референдум.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.