“Курир”: Прилепски активист на СДСМ јавно се фали дека е партиски вработен (ФОТО)

Активист на СДСМ, Петар Тошкоски, на својот Фејсбук профил се пофали дека се вработил во општата болница во Прилеп, а особена благодарност за завршената работа, тој упатува до градоначалникот Илија Јованоски – пишува порталот “Курир”.

„Му благодарам на мојот татко за неговото жртвување што го даде сета оваа година уназад од почетокот до крајот. Му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски за поддршката што ми ја пружа и што ми го осигура животното прашање во овие тешки мигови. Исто така му благодарам и на претседателот на совет, Миле Талевски…“, пишува Тошкоски на својот ФБ профил.

СДСМ во предизборната кампања ветуваше непартиска и ефикасна јавна администрација. Но, за разлика од тоа, во периодов на владеење на оваа партија, прилично е очигледно вработување во државната и јавната администрација со партиски кадри на сите нивоа.

Членови на нивните потесни семејства, пријатели и познаници се поставуваат на високи места без конкурс и без посебни критериуми. Единствениот критериум е да се членови на СДСМ или да се блиски со некој висок функционер на СДСМ.

Опозиицијата обвинуваше дека административните службеници биле казнувани неосновано и спротивно на Законот, спротивно на сите демократски права и начела.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека се почнати активности за деполитизација на администрацијата. А со реорганизацијата, вишокот на административци ќе се понуди на приватниот сектор.

Со хоризонталната функционална анализа која првпат се прави, ќе следи реорганизација и оптимизација на администрацијата. Онаму каде што анализата ќе покаже дека може да се укинат, ќе се укинат, некои ќе се спојат, а ќе се формираат и нови институции. Никој нема да ја загуби работата, а на вишокот администрација ќе им биде понудено да бидат ангажирани во приватниот сектор, информираше минатиот месец Манчевски.

Извор: “Курир.мк”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.