Албанија во изминатите години е супер примамлива дестинација за македонските туристи, особено излетничките места на Јонското море, Ксамил и Саранда. Белите песочни плажи, тиркизната морска вода и екстра евтините цени за смештај, јадење и пијалок, како магнет ги мамат Македонците и оваа сезона. Маркукуле ексклузивно од Ксамил ви ја пренесува сликата од плажите, кои ќе освојат сечиј поглед.
Патувањето до тука иако е долго, сепак не е напорно доколу до оваа дестинација се движите преку соседна Грција. После 57 тунели низ грчкиот автопат ќе ја преминете границата. На прв поглед нема многу да се воодушевите, но како што наближувате кон морето впечатокот ќе ви се промени. Стигнувате најпрво до Саранда, место со луксузни хотели, средено, чисто, место со вкусна храна и гостопримливи домаќини.
На прв поглед имате се’ што ви треба за одличен одмор. Сепак недостаток на ова место е тоа што нема голема понуда за ноќните часови. На 10-тина минути возење се наоѓа местото со тиркизна вода и песочни плажи, Ксамил. Ќе се почувствувате дека се наоѓате во некое грчко село, нема ни да помислите дека сте во Албанија.
Цената за апартман се движи од 15-30 евра за 4 лица, а за кревет од 6-12 евра, сместување за кое кај јужниот сосед би платиле и дупло повеќе. Тука гирото е далеку поевтино и можеби подобро и од Грција, имате пиво за 60-70 денари на плажите, а кафето се движи од 30-50 денари.
Неколкуте острови во морето дополнително ви создаваат пријатно чувство, а во далечината се гледа и Крф, каде можете да стигнете преку пристаништето во Саранда.
Она што изненадува е вистинското гостопримство на кое ќе наидете, едноставно во секој маркет, ресторан и кафуле ќе бидете пречекани со насмевка, а на крајот благодарно ќе ви кажат “фала”.
Наша препорака е да пробате албанско пиво “Тирана”, да ја посетите најпознатата плажа во Ксамил “Бора Бора”, да се повозите со кајче низ тиркизното и секогаш топло Јонско Море, а во вечерните часови да пробате “Скендербег”, благо бренди кое со сигурност ќе ви годи.