Крушевчани се мобилизираат, гневот ќе го истурат пред општината: Цела недела чад и смрдеа ги труе! (ФОТО)

Деновиве одново гори депонијата во Крушево, крушевчани се гушат и со денови дишат тосичен чад, а во градот се шири неподнослива миризба.

Пожарот е активен од 5. јуни, а крушевчани веќе се мобилизираат на социјалните мрежи за да го искажат својот гнев пред општинската зграда.

-Време е крушевчани сите заедно да го блокираме влезот на општинската зграда, сега е во прашање здравјето на граѓаните, а во ваков случај нема наши ваши…Сите пред општинската зграда, градоначалникот да даде одговор пред граѓаните – напиша на ФБ, Билјана Проеска.

Градоначалникот пред една недела напиша, дека вклучена е целата механизација со која располага општината и комуналното претпријатие и дека состојбата е под контрола.

-Свесни сме за сериозноста на ситуацијата, последиците по животната средина и здравјето на граѓаните, и Ви уверуваме дека веќе се преземаат сите потребни мерки. Првичните анализи укажуваат дека пожарот бил предизвикан од високи температури во комбинација со несоодветно складиран отпад и самозапалување на гасови. Апелирам до граѓаните да избегнуваат движење во близина на депонијата и да ги затвораат прозорците додека трае интервенцијата. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира итната потреба од системско решавање на проблемот со дивите депонии. Општината веќе работи на план за целосна санација на ваквите локации и имплементација на одржливи решенија за управување со отпадот. Ќе продолжиме со транспарентно информирање на јавноста и преземање на сите неопходни мерки за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните – напиша Христоски на социјалните мрежи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.