Оние пољубопитните од вас кои би го изгуглале Крушево, сигурно наишле на податокот дека на ова место започнала македонската борба за слобода и независност. Дека секоја година на 2 август овде се празнува нашиот најголем национален празник.
И ова лето Крушево е празнично и свечено.
После 30 години откако малата македонска змејарска зедница го откри Крушево и прв пат полета на крушевското небо, ова мало гратче ја доби огромната чест да биде домаќин на елитното 19-то Европско првенство во Змејарство класа 1 и на седмото светско првенство во Змејарство класа 5. Ја доби несекојдневната можност да ја пречека елитата на европските пилоти и светските шампиони кои претходните 2 недели го освојуваа македонското небо над Пелагониската долина, нашата летачка арена.
Крушево го заслужува тоа, пред се затоа што од тука први полетаа токму змејовите. Овој голем спортски настан му даде шанса на ова мало место во срцето на Балканот да стане уште една нова змејарска дестинација.Шанса да докаже дека има потенцијал да биде едно од посакуваните места за летање со змеј во Европа.
Во убавото Крушево, ова беа две возбудливи недели, полни со предизвици, сино небо, многу летање, многу успешни трки, убави дружби и секако освен во летањето пилотите уживаа во вкусната македонска крушевска храна и вино.