Кривична за Сугарески: Градел пат без тендер, проект и ревизија?!

Кривична пријава е достсавена до ОЈО против министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и против директорот на „Македонија пат“ Гајур Кадриу.

Пријавата е доставена до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на непознат подносител, пишува Нетпрес.мк

Според објаснувањето во кривичната пријава, министерот Горан Сугарески и директорите на „Македонија пат“ и ЈП „Државни патишта“, при реконструкцијата и рехабилитацијата на пат во должина од шест километри во Крива Паланка, работеле спротивно на Законот за градење и прописите за ваква градба.

Имено, во пријавата се вели дека не постоел проект за изградба на патот, со што се направило директно прекршување на Законот за градење. Поради фактот што немало проект, не се овозможило ниту ревизорска куќа да има увид дали проектот ги исполнува градежните стандарди.

Според пријавата, изградбата на патот најверојатно ја немала ниту потребната дозвола за градба поради претходните прекршувања во постапката и немањето потребна документација. За реконструкцијата и рехабилитацијата на овој патен правец не била распишана ниту јавна набавка за изградба на патот, а немало ниту јавна набавка за надзор на изградбата.

Понатаму, во пријавата се вели дека поради горенаведените процедури кои требале да претходат на изградбата, а биле занемарени, во овој случај станува збор за најфлагрантен пример на кршење на законот како и злосторничко здружување за извршување на кривично дело од страна на пријавените лица.

Непознатиот поднесител на пријавата бара да се поведе истрага за сторените кривични дела со цел обезбедување докази и поведување постапка пред належниот суд, да се истражи и дали имало вмешаност на други лица, како и истите да бидат прогласени за виновни и казнети соогласност законот.

Инаку подносителот на пријавата има направено грешки во имињата на министерот за транспорт и врски и директорот на ЈП Државни патишта.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.