Кривична за градоначалникот…вриело правници во институцијата, а тој ангажирал надворешни

Градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, под истрага – ОВР Кичево поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба. Според полицијата, во периодот од 2017 до 2024 година, Дехари незаконски склучувал договори со адвокати, иако општината има сопствен правен сектор со 37 вработени. Со ова, според МВР, тој овозможил противзаконска корист за трети лица, нанесувајќи штета на општинскиот буџет од речиси 4 милиони денари (околу 64.000 евра).

-ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(51) од кичевското село Србица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, Во периодот од 2017 до 2024 година, тој во својство на градоначалник на општина Кичево, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општина Кичево постои Сектор за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата. На тој начин пријавениот ја искористил својата службена положба, постапил спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, на Законот за локална самоуправа, на Законот за јавни набавки, ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка, Правилникот за систематизацијата на работните места, со што на адвокатите им овозможил, на штета на буџетот на општина Кичево, да се стекнат со противзаконска имотна корист од 3.938.420 милиони денари или околу 64.000 евра – стои во соопштението од МВР.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.