„Крајот на светот нема да дојде, се’ додека живее и цвета 5000 години стариот Мамриски даб“: Во прилепскиот храм Св. Петка изложена иконата на Св. Троица со честица од најсветото дрво (ФОТО)

ВО ЦРКВАТА СВ. ПЕТКА ВО ПРИЛЕП ИЗЛОЖЕНА ИКОНАТА НА ПРЕСВЕТА ТРОИЦА СО ЧЕСТИЦА ОД МАМРИСКИОТ ДАБ

„Крајот на светот нема да дојде се’ додека живее и цвета 5000 години стариот Мамриски даб“

Иконата на Пресвета Троица, со вграден реликвијар во кој има честица од старозаветниот Мамвриски даб, кој се наоѓа во близина на израелскиот град Хеброн, денес, на Духовден, беше изложена во храмот Св. Петка во нас. Точила.

Библискиот настан претставен со оваа икона е опишан во Старозаветната книга Битие, и се случил околу 1800 години пред Христа, во Мамре кај Хеброн, на западниот брег на реката Јордан. Имено, за да се скрие од жештината на денот, старозаветниот патријарх и прататко Аврам ги сместил тројцата гости, односно Троичниот Бог, под крошна на даб, познат во Библијата како Мамрискиот даб, во чија непосредна близина живеел.

Овој даб е зачуван до денес, а се наоѓа на имотот на рускиот манастир Света Троица. Според традицијата, дабот е стар, според некои верувања дури и 5.000 години и претставува своевидна светиња за христијаните, Евреите и муслиманите. Според старозаветниот текст и преданието, токму на ова место „тројцата гости“ му објавиле на пророкот Авраам, дека во неговата 99-та година ќе добие син. Исак, неговиот син, се родил следната година.

Постои верување дека сушењето на овој даб ќе го најави крајот на светот и апокалипсата. Дабот се исушил во 1996 година и тоа ги разгорело толкувањата дека крајот на светот е близу. Сепак, по Божја милост, во 1998 година, дабот повторно разлистал. Во 2019 година, поголем дел од дабот паднал и тоа уште повеќе ги распалило предвидувањата дека крајот на светот е сосема близу. Но, дабот е жив. Руски научници ги отстраниле сувите и паднатите делови и помогнале од коренот да потераат млади фиданки.

Многу христијани, особено во средниот век, го посетувале Мамрискиот даб како дел од своите поклонички патувања верувајќи дека престојот под дабот и молитвите во негова блицина носат посебни благослови и духовни искуства. И денес, дабот е незаобиколна дестинација при поклоничките патувања во Светата земја.

Иконата со димензии 40×30 е подарок на храмот од благочестиви верници (семејство Јончески) од Прилеп, а е дело на иконописецот и зограф Николче Српчански и е иконописана во духот на источната православна иконописна традиција, врз основа на старозаветниот мотив каде Светотроичниот Бог му се јавува на отецот Авраам во вид на три ангели а за образец е користена најпознатата претстава на Аврамовото гостопримство и најавтентична претстава на Пресветата Троица, иконата изработена од прочуениот преподобен отец, монах и иконописец Андреј Рубљов.

Оригиналната икона насликана од Андреј Рубљов

Иконата на Пресвета Троица со честицата од Мамрискиот даб ќе биде изложена за поклонение и целивање во текот на целата духовденска седмица.
Нека благословот Авраамов биде над Прилеп и прилепчани! За многу години Духовден!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.