Кој ќе работи во недела ќе добива и до 100% повисока дневница, за фирмите кои нема да почитуваат може да следува и клуч на врата

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска одржа работна средба со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), Дарко Димовски, на која присуствуваа и секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, како и повеќе претседатели на гранкови синдикати.

„Од првиот ден на мојот мандат имам јасна определба отворено да разговарам за сите прашања кои се од интерес на работниците. Тоа и го правам. Законските решенија треба да обезбедат почитување на работничките права, затоа што, мотивиран работник е работник кој работи според јасно определени и дефинирани работни односи, на којшто му се почитуваат правата во делот на користење на годишен одмор, слободни денови, ден на неделен одмор, како и безбедност во работата“, нагласи министерката Шахпаска.

Таа рече дека изминатиов период отворено се дискутираше за новото законско решение кое предвидува недела да биде ден на неделен одмор, со цел да се изнајде најсоодветно решение кое ќе направи баланс помеѓу семејниот и професионалниот живот.

Во оние дејности, нагласи Шахпаска, кои мора да продолжат да работат и во недела, на работниците ќе им биде исплатен најмалку 50% додаток на дневницата доколку со Колективен договор не е поповолно определено за работникот.

Додека за работниците во трговската дејност дневницата ќе биде за 100 проценти повисока од редовната. Сите работници кои ќе работат во недела покрај дополнителна дневница ќе имаат и право на слободен ден кој ќе може да го користат во наредните седум дена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.