Кошарката во Прилеп доби субвенција од нешто над 4.000 евра за двете категории за цела година од Министерството за спорт – сума која реално е недоволна за сериозен развој и напредок.
Станува збор за Мега Баскет Прилеп, клуб кој се натпреварува во Првата кошаркарска лига, и кој со ограничени ресурси се обидува да одржи континуитет и да изгради конкурентен тим. Згора на тоа, eкипата игра во училишна спортска сала, со оглед на тоа дека Прилеп веќе одамна ги нема на располагање двете големи спортски сали – “Универзална” и сала “Македонија”.
Иако поддршката од Министерство за спорт на Македонија е значајна како сигнал, во пракса оваа сума не овозможува ниту основни услови за напредок, а камоли борба за пласман во елитниот ранг.
Доколку навистина сакаме кошарката да се врати на местото кое некогаш го имаше, потребна е многу посериозна и системска поддршка.
Затоа, апел до локалната самоуправа во Прилеп, како и до бизнис секторот: време е за поголема вклученост и инвестиции во спортот. Кошарката има потенцијал, има традиција и има публика – но без конкретна поддршка, тешко дека ќе се направи чекор напред.
Прилеп заслужува повторно да има свој претставник во највисокиот ранг на натпреварување.
























